Со градинарство до поквалитетно еколошко образование

Ајде да растеме здраво (прв дел)

 

Живееме во време каде што животот на децата е сведен на постојано седење и многу слаба физичка активност. Освен што неактивноста и седењето ги прави мрзеливи, туку и драматично  влијае на зголемување на телесната тежина кај децата.

 

Им се забавува природниот раст и доаѓа до искривување на ʼрбетот, за жал. Здравата исхрана е клучна компонента за физичката благосостојба на децата, којашто може да има и друга примена – да помогне и на нивниот училиштен и социјален успех.

 

Како?

 

Доколку ги научиме уште од најрана возраст да ја разбираат храната и самите да ја произведат.

 

…Звучи чудно и невозможно, нели?

 

Особено поради фактот што живееме во „модерно“ време каде што едвај успеваме да ги одделиме нивните рачиња од таблетите и мобилните телефони. Затоа, Слоу Фуд ја има програмата за одржување и развој на училиштите градини.

 

Целта е да ги научиме нашите деца уште од најрана возраст да знаат што е здрава храна, но, исто така, и да ја одгледуваат во училиште заедно со нивните наставници, професори.

 

 

Со овој проект децата ќе изградат здрави навики 

 

 

Зголемениот пристап до здрава храна може да ја подобри исхраната, а со тоа и да го подобри здравјето кај децата.  Доколку во близина на децата има производство на здрава храна, тоа може да доведе до промена на навиките во исхраната. Ако децата не се навикнати да пробуваат нова храна, тие едноставно нема да го сторат тоа самоиницијативно.

 

Готвењето здрава храна е, исто така, вештина којашто многу деца и тинејџери не ја стекнале поради немањето пример околу нив. Многу луѓе ги привлекуваат семејните јадења поради емоционалната врска што ја имаат со таа храна, иако таа храна нема никаква хранлива вредност.

 

Училиштата можат да играат клучна улога во менувањето на перцепцијата на децата за храната и зајакнување на пристапот до здрава храна.

 

Начинот на кој училиштата ги учат децата за традиционалното производство на храна може да влијае позитивно на нивниот избор на храна во иднина.

 

Децата кога ќе стапнат во локал за брза храна, тие примаат пораки за јадење на нездрава храна, па наместо тоа тие треба да сфатат како изгледа здравиот оброк уште од мали нозе.

 

Како што ги учиме учениците дека, на пример, меморирањето на формули и постапката за решавање на одреден вид задачи по математика е важно за понатамошен успех на тоа поле, истото важи и за образованието за производство и консумирање на здравата храна. 

 

 

Па, како да успееме да им всадиме навика за здрава исхрана на децата уште од мали нозе?

 

Училишните градини (ќе) им овозможуваат на учениците во реално време да следат како се одгледува храната, но и најважното – да бидат дел од самиот процес на одгледување.

 

Учениците од различна возраст редовно (ќе) одржуваат часови во градината, (ќе) учат како растат растенијата, (ќе) берат и подготвуваат разновидно овошје и зеленчук.

 

Исто така, градините можат да бидат клучни во менувањето на детските нутриционистички навики/практики.

 

Знаеме дека децата уживаат кога се на отворено. Тие се љубопитни, уживаат во учењето кога тоа е практично и креативно. Затоа градинарството во училиште може да биде почеток на животна страст за децата. Уште повеќе, тие со задоволство сакаат да гледаат како нешто се развива од мало семе во прекрасно растение, дури и тоа да е зеленчук што може да го јадат.

 

 

Слободно можам да кажам дека повеќето деца сакаат да играат со земја, без разлика дали е тоа на плажа или во градината на село кај баба и дедо.

Па, преку правење пити од кал и садење здрав зеленчук, децата можат да го зајакнуваат имунитетот, што е научно докажано.

 

Ова е само почеток на еден долг список на причини зошто градинарството во училиште е толку корисно за децата/учениците!

 

Дури и ако училиштето има ограничен зелен простор, може да се создаде убава површина која ќе биде училишна градина. Со рачно изработени жардиниери се обезбедуваат услови за градинарство со учениците. Наставниците можат да го направат градинарството дел од секојдневието, дел од училишниот ден.

 

На пример, садење на растение во жардиниера направена од стакло е идеално за набљудување од страна на учениците за целиот животен циклус на растенијата.  Стаклените ѕидови ја прават оваа жардиниера совршено добра за да можат учениците да гледаат како семињата растат и под почвата. Тоа е, исто така, одлична можност за набљудување на животните кои живеат во почвата.

Градинарството во училиштата може да помогне да се развијат голем број животни вештини, како и да се понуди еколошко образование. Уште повеќе, проектите за училишно градинарство обезбедуваат природни и одржливи ресурси.

Продолжува…

 

Пишува: м-р Гоце Бумбароски, наставник по одделенска настава и член на Слоу Фуд Прилеп

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи