Вандали уништија уште една прекрасна скултптура на Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Прилеп е единствениот град во нашата држава, но и многу пошироко, кој на своите јавни простори има поставено повеќе од 80 монументални скулптури изработени во текот на последниве 57 години континуирано творештво на скулптори од целиот свет во Интернационалниот скулпторски симпозиум „Мермер“ Прилеп, во состав на Интернационалните ликовни работилници кои ЦСЛУ-Прилеп ги организира секое лето во континуитет последниве 63 години. Во сите тие уметнички дела ќе ги најдете имињата на автори од повеќе од 50 држави во светот, кои твореле на нашите простори, се инспирирале од нашиот мермер и нашата традиција и култура и на крај оставиле нешто зад себе, по кое ние доколку работите течат како што треба, можеме,  имаме право и мораме  да бидеме доста препознатливи.

 

Кога ќе се запрашам каков би бил третманот кон ваков тип на наследство во развиените земји, одговорот го знам веќе, се разбира далеку посериозен од нашиот.

 

Кога станува збор за нашето култуно наследство проблемот треба да се детектира малку подлабоко. Вината не може да се насочи само кон една страна, напротив виновни сме сите затоа што сме дозволиле да стигнеме до степен на елементарно непознавање на работите.

 

За жал ова не е прв пат да се случи вакво нешто. Проблемот ќе го детектирам во самоволноста и нестручноста. Да појаснам подетално, кога самите скулптури беа поставувани според однапред утврдено место и план за поставување (кој се разбира ќе опфати, сигурен простор за поставување, постамент, стручно прицврстување на самата скулптура, нејзино соодветно означување и осветлување…), ваквите проблеми скоро и да ги немаше.

 

Прв пат се соочивме со ваков проблем мислам дека беше 2013 година, кога скулптура од познатиот скулптор Дејвид Мур од Единбург, Шкотска, изработена во 1995 година, во бел мермер Сивец со димензии 72х200х70см со наслов „Колку вреди вашето кралство“, беше извадена од затворен простор, холот на тогашниот хотел „Липа“ и преместена. До тука беше во ред, самиот хотел пропаѓаше и скулптурата мораше да се дислоцира, но истата беше наменета и изработена за затворен простор, премногу беше нежна за да се постави на отворена јавна површина, а беше одлучено (нормално повторно без стручно мислење и консултации) истата да се постави на јавна површина помеѓу Тутунска банка и аптека Зегин. Не издржа ни повеќе од 24 часа, наредниот ден беше искршена на ситни парчиња со многу мала можност за нејзина санација после тоа.

 

 

 

 

Конкретно оваа скулптура „Јајца“ од авторката Михајлова Галија од Македонија, скулптура во бел мермер Сивец со димензии 130х45х45 см, изработена во 1999 година, заедно со уште две други, беа поставени во 2014 година од тогашната локална власт, по повод денот на Македонската Ревулуционерна Борба на 23ти Октомври, беа подигнати од Мермерниот Комбинат без наша дозвола, беа поставени нестручно, односно не беше одреден соодветен сигурен простор за поставување, не беа означени, поставени на постамени ниту беа прицврстени што дополнително предизвикува и друг проблем, самите скулптури се премногу тешки и доколку не се поставени како што треба (како во случајов), истите освен што ќе претрпат оштетување, можат и да повредат некого  и тоа може да предизвика дополнителна трагедија.

 

Континуирано се случуваат мали оштетувања на скулптурите (цртање и валкање), се наоѓаат на јавен простор и треба да бидеме спремни за вакви нешта и да не ги оставеме работите дополнително да се комплицираат..

 

Доколку сакаме конечно да го зачуваме нашето културно богатвство треба да имаме посериозен пристап кон истото сите ние заедно. Тоа подразбира поголема заштита на уметничките дела поставени на јавните површини, како и во објектите на државните институции (тоа е друга и исто така непријатна тема за разговор), уредување на просторот околку нив, нивно означување, осветлување, поставување на легенди со деталите за самите дела, како и нивно мапирање и припрема за дигитална презентација, консултација со стручни лица, проценка на оштета на целата колекција и проценка за потребни финансии како и план за конзевација и реставрација. За крај се разбира и дека не треба да се изостави и едукативниот дел, кој на пошироката јавност јасно ќе и ја презентира вистинската вредност како и важноста и потребата од заштита на овој тип на наследство. Треба да се научиме да ги цениме вистинските вредности, а мора некој конечно да почне и ликовната уметност да ја става во преден план, зашто и овие уметници творат и создаваат трајни вредности.

 

Скулптурата „Јајца“ иако беше од поновата генерација на скулптори, сепак беше една од повпечатливите во целата колекција. Надежта останува дека властите овој пат ќе ги откријат сторителите и ќе бидат соодветно казнети. За конечно да покажеме дека се грижиме за нашето културно наследство.

 

Јана Јанеска Ристески

Историчарка на уметност и

Претседателка на Уметнички совет на ЦСЛУ-Прилеп

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи