ВИДЕО – Домашно.мк – платформа како помош на земјоделците за пласирање на производите за време на Ковид 19

Полека, но сигурно, дигитализираната платформа „Домашно.мк“ станува препознатлив бренд во Пелагониско. Таа беше креирана од страна на ЛАГ Агро Лидер, а со поддршка на ФООМ и беше промовирана на 15 октомври, Меѓународниот ден на руралната жена. Нејзината цел е за ова време на Ковид пандемијата да се изврши што е можно поголема промоција и маркетинг на земјоделските производи од Пелагонискиот регион и да се поддржи локалното производство и локалната економија. Доставата на производите низ Прилеп е бесплатна и веќе зема голем замав. Граѓаните започнале со порачување на различни земјоделски производи преку интернет.

 

 

„Имавме околу 50-тина нарачки, веќе е воведена и можноста со плаќање со картичка на самата платформа. Во ЛАГ Агро Лидер имаме веќе вработени лица кои се задолжени за достава, која е во максимум од 48 часа. Најмногу се бараат сирење, биено сирење, традиционални преработки, ликери, слатко од аронии, кои, тарана, апсолутно сите производи кои се промовирани“, вели Марина Тошеска, од ЛАГ Агро Лидер.

 

Земјоделството во Македонија се темели пред се на семејни земјоделски стопанства со мало производство на кои оваа платформа во една ваква криза и тоа како им помага за пласирање на производството.

 

„И кризи како што е оваа и затворање на локалните пазари и тоа како влијаат врз овие семејни земјоделски стопанства. Затоа Домашно.мк обезбедува поддршка на семејните земјоделски стопанства со тоа што освен промоција на платформата на нивните земјоделски производи, тимот на ЛАГ Агро Лидер врши бесплатна достава за заинтересираните купувачи до нивната адреса, во градот Прилеп“, додава Тошеска.

 

Инаку Фондацијата Отворено општество – Македонија од своето постоење вложува во ресурси и поддржува иницијативи за унапредување на правата на жените и постигнување целосна рамноправност во општеството.  Од таму велат дека токму платформата Домашно.мк е директна поддршка за жените, односно преку неа се обезбедуваат приходи за жените земјоделки, а со оваа нивна идеја придонесуваат во намалување на социо-економските последици предизвикани од КОВИД-19.

 

Данче Даниловска-Бајдевска, програмска директорка во ФООМ истакнува дека природата на здравствената криза предизвикана од КОВИД-19, освен животно-загрозувачкиот ризик, има значително негативно влијание и врз социо-економската блогосостојба на многу граѓани. Особено ранливи категории на работници се жените, односно жените земјоделки. Со цел да се ублажат социо-економските последици, Фондацијата Отворено општество – Македонија, со поддршка од Заедничкиот фонд за брз одговор на КОВИД-19 обезбеди 148.000 долари за развој на иновативни модели за справување со економските неповолности и директна поддршка за работниците и работничките од земјоделската, текстилната и неформалната економија.

 

Освен економскиот импакт кој го имаа оваа платформа кај земјоделските производители сега со поддршка на австриското министерство за социјалнии работи, здравство и заштита на потрошувачи и во соработка со австриската мрежа BIENE се дава и социјален момент на платформата. Имено проектот во себе ќе ги вклучи и одредени јавни институции во Прилеп, како што е домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“ каде преку проектот ќе биде набавена опрема за енергетско-штедливи светилки, а со поддршка на ЕВН ќе се овозможи репарација и инсталирање на овие светилки. Во домот ќе се подготвуваат и оброци за социјално ранливи категории.

 

„Преку проектот ќе се овозможат и вработување на дополнителни кадри во домот за стари лица во Прилеп, кои што ќе овозможат подготовка на социјални оброци, кои што преку тимот на Домашно.мк што врши достава, овие социјални оброци ќе бидат доставени до социјално ранливи категории на територијата на градот Прилеп, до нивната домашна адреса“, потенцира Тошеска.

 

„Праксата на млади луѓе во домот за стари лица во Прилеп како готвачи и келнери ќе им донесе искуство во нивната работа, со тоа што ќе научат како да готват, ќе ја научат работата на келнерот, што ќе ги интегрира во пазарот на труд. Потоа, што се однесува на жените претприемачи, жените земјоделки, нивото на невработеност на жените во вашата земја е доста високо, а стапката на активност е многу ниска поради разноликоста на обврските, но и поради традиционалната поставеност. Се трудиме да ги интегрираме жените на пазарот на труд како претприемачи, но исто така и младите жени кои се невработени да се охрабрат. Очекуваме напредок и во заштедувањето на средства за струја, како и подобрување на условите за живеење на старите лица во домот. Јас би рекол дека доста комплексен проект, земајќи ги во предвид различните пристапи, комбинирањето на пазарната економија со јавниот интерес, интересот на старите лица и интересот на младите лица“, изјави м-р Харалд Фугер – аташе на австриското министерство за социјални политики, здравство и заштита на потрошувачи

 

Една од главните цели цели на овој проект е исто така да се фаворизира органското производство, кое што е иднината на земјоделството. Во тоа секако своето големо искуство ќе го споделат од австриската организација БИЕНЕ, бидејќи Австрија е една водечките земјии во светот во производство на органско производство.

 

„Имаме слични онлајн платформи, каде што локалните производители можат да ги продаваат своите продукти. Не ги знам сите онлајн платформи намети за доставување на храна, но оние кои ги знам се доста големи и продаваат на целата територија на Австрија. Исто така има различни продавачи на зеленчук, кои своите производи ги продаваат само регионално. Така да има различни решенија. Една платформа продава на национално ниво, пример леб, или месо кои не можат да бидат доставени толку брзо, додека други ги продаваат своите зеленчуци регионално или локално и тие не произведуваат големи количини и го продаваат во круг од 50 километри од нивниот дом“, кажа Клеменс Рибачек, проектен менаџер, BIENE Austria (мрежа за биоенергија и одржливост на почвата Долна Австрија / ЕУ).

 

„Овој проект кој ќе трае 15 месеци на крајот ќе забележи видливи резултати апсолутно во секој сектор каде што делува. Во соработка со Агенцијата за поддршка на земјоделието и руралниот развој работиме да ги охрабриме земјоделците да ги следат правилниците кои излегоа за ставање во промет на млеко и производи од млеко и растителни производи кај примарните производители и објектите од мал обем на производство. Така што при промовирање на органско производство, здрава и безбедна храна ќе овозможиме на секој во нашиот град да има пристап до хранливи, вкусни и квалитетни производи од регионот“, истакна Тошеска.

 

Со проектот ќе бидат набавени и електрични велосипеди со кои ќе се разнесува храната низ градот, со што целиот проект добива и една еколошка димензија, односно се промовира зачувувањето на животната средина и намалувањето на емисијата на штетни гасови.

 

„Идејата за достава со велосипеди генерално е многу добра, затоа што транспортниот систем е многу голем и создава голем дел од јаглеродниот диоксид. Мислам дека идејата за регионална достава со велосипеди, особено електрични велосипеди е многу добра, бидејќи во поголеми градови во Австрија се уште е во развивање“, рече Рибачек.

 

„Претставува комбиниран пристап на пазарна економија, локални економски претприемачи и јавни институции, така што ова би можело да биде добар пример за во иднина. Што се однесува до поддршката вашата организација да се воспостави како социо-економско претпријатие ќе овозможиме различни работилници во полето, така што се надеваме дека овој дел од проектот ќе биде исто така успешен. Посакувам секое добро на сите учесници во овој проект“, потенцираше г-н Фугер.

 

Проектот се планира да биде имплементиран во наредните 15 месеци.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи