Сојузот на синдикати на Македонија денеска соопшти дека нема да отстапи од барањето субвенциите за плати да одат директно на сметките на работниците.
Според Синдикатот, недопустливо е работниците во време на кризата со ковид-19 да останат без плати кои чесно си ги изработиле.
„Алчните газди по петти пат оставија работници без никаква егзистенција, а иако УЈП овој пат дејствуваше веднаш, се покажува дека и тоа не е доволно и дека и покрај сознанијата и информациите во јавноста кои ги изнесуваме и ние и државните институции за одговорноста за овој вид на злоупотреби, повторно има работодавачи кои немаат милост ниту спрема работникот, ниту пак се плашат од државата и од казни“, посочува Синдикатот.
ССМ покрај паричните казни, ќе бара и кривична одговорност, затоа што, како што посочува во соопштение, законот е еднаков за сите и не познава газди, граѓани или работници.