Тутунарите незадоволни од проценката на тутунот денес протестираат пред Владата, барајќи одговори за неисполнетите ветувања за тоа дека ќе се корегира годинашната, катастрофална откупна цена.
Според ние и покрај добиените ветувања на Владата дека ќе има промени, тутунот и наттаму се откупува по катастрофална цена.
„Од самиот старт на откупот, ние сфативме дека ова е игра. Значи, се земаат квалитетени тутуни во пониски класи, одбитоци од огромни 10 проценти, динамиката е слаба на откуп…ланската година се откупуваа по 1.200.000 кг на ден, а сега по некои 400-500 тони на ден. Затоа ние одлучивме – протест пред Владата за конечно да каже премиерот дали има решение за нашите проблеми или нема“, изјави Игор Мирчески, од ИО на незадоволните тутунари, кој воедно посочи и дека имаа уцени и невидени притисоци за да се откажат од денешниот протест.
Тутунопроизводителите обвинуваат дека доколку вака продолжи, 120 илјади семејства ќе бидат на работ на егзистенција.
„Имам порака до претставниците на нашата власт. Ние немаме скапи превозни средства за да се шетаме низ планини. Дојдовме со трактори од 3 илјади евра на протестот. Голи, боси, гладни, последните пари ги одвоивме за да дојдеме до Скопје, нас местото не ни е тука, нас ни е местото на откупните пунктови, но таму за нас место нема. Решивте да направите колеж на тутунарите. Тутунот за 100 денари не го даваме“, посочи Николче Станковски.
Тутунарите на протестот напоменуваат дека ветувањето на Владата за откуп на тутун по просечна цена од 180 денари не се исполни.
„На терен се случи нешто сосема обратно од она што се договаравме, и она што веруваме дека ќе се случи дека ќе ни помогнат, се случи да биде уште полошо. Проценките падна уште пониски, откупот ушто повеќе стагнира и денес имаме на места откуп од 100 – на пакети од класи на тројка и четворка. Цената на четворката е различна во сите откупни пунктови варира од 65 до 70 денари па се до 90 денари“, рече Васко Јосифосвски- тутунопроизводител.
Едно од барањата на протестот исто така е и итно укинување на четвртата класа, како и сигурен откуп на вишокот тутун што е произведен.
Инаку македонските тутунари досега не влегоа во ниту еден пакет-мерки на Владата.
Поддршка на тутунопроизводителите на протестот дадоа и лозарите велејќи дека земјоделството е најнеценет сектор во нашата држава. Доколку нема решение со откупната цена која во просек се движи од 120 до 160 денари, најавија нови протести, но со блокади во градовите каде што живеат.