Ристески: Светиот крст нема да се полага во реките и езерата во Прилеп, но ќе има Литургија во храмовите и осветување на вода во дворовите на црквите

Благочестиви христијани еве со утрешниот голем празник Богојавление (Водици) на некој начин го заокружуваме циклусот на јануарските празнувања. Во спомен на Христовото крштевање црквата востановила празник: „Богојавление-Божја Теофанија“ односно јавувањето на Света Троица. Божјата волја била на најјасен и очигледен начин  на денот на крштението на Исус Христос да се открие Светата Троица и тоа: Второто Лице се крштева во реката Јордан, Светиот Дух во вид на гулаб слегува врз Него, а Бог Отец сведочи од небесата: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја.

 

Овој празник е еден од најголемите христијански празници каде што Бог ги потопи и очисти гревовите од целото човештво во водите Јордански. Водици се нарекува уште и заради големиот водосвет, што го извршува Црквата два пати во годината на Водокрст и Богојавление. Големиот водосвет е симбол на обновувањето на нашата огревовена природа и на целиот космос преку вода и Дух.

 

МПЦ-ОА оваа година одлучи  да го одложи положувањето на светиот крст во реките и езерата поради пандемијата, но сепак Богојавление или големиот водосвет црковно ќе се слави во храмовите со Боженствена Златоустова литургија, а осветувањето на водата ќе се изврши во дворовите на Црквите според добиените препораки од страна на Комисијата за заразни болести.

 

Претстојниот празник Богојавление да го прославиме достоинствено со верба во Бога  и одговорност кон јавното здравје,со почитување на препорачаните мерки од страна на верниците. Богојавленските празници да се прославуваат без нарушување на законските нормативи. Осветување на водите оваа година ќе се одржи во кругот на храмовите.

 

Запазувајќи ги овие мерки, како Црква ќе придонесеме за зачувување на општото здравје на нашиот народ. Ние Прилепското архиерејско намесништво заедно со свештенството Ви посакуваме добро здравје и Го молиме Семилостивиот Бог да го отстрани ова зло што се надвисна врз целиот свет.Благодатта на нашиот Господ Исус Христос и љубовта на Бога Отецот и заедницата на Светиот Дух да биде со сите Вас.

 

Архиерејски намесник, отец Влатко Ристески

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи