ВИДЕО – За една година помогнале на околу 900 семејства, но за да продолжат понатаму сега и нив им треба помош

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Хуманитарното здружение „Надеж за сите“ од Прилеп денеска наполни 1 година од своето постоење за кое време им имаат помогнато на околу 900 семества од цела Македонија, со пари, лекови, облека, храна и друго. Велат дека идејата за здружението настанала сосема случајно кога Билјана Глигорова, Васе Благадушоска и Маја Божиноска сосема случајно првиот контакт го оствариле на социјалната мрежа Фејсбук и решиле да им помагаат на тие на кои помошта им е најпотребна. Од денес, после едногодишни напори конечно имаат и своја канцеларија и магацински простор, на улицата „Бидимаш“ веднаш после детската градинка, кој пак во траење од 1 година им го обезбедил анонимен донатор од Прилеп.

 

 

„Од нигде никаде, се најдовме сите три на Фејсбук случајно и по неколку помагања на неколку семејства седнавме и одлучивме да основаме некое наше здружение што навистина ќе се најде и ќе им помагаме на луѓето. Така започна целокупната работа наша“, вели Васе Благадушоска, здружение „Надеж за сите“.

 

„Се стекнавме со магацински простор благодарение на анонимен донатор од Прилеп и моментално работата ни почнува од денес па натаму во овој дел“, кажа Билјана Глигорова, здружение „Надеж за сите“.

 

„Засега имаме контакт телефони од сите три, одат на нашата Фејсбук страна. Засега по потреба можат да не најдат донаторите или тие што имаат потреба од донација, такви се условите сега. понатаму сакаме и се трудиме да бидеме преку цел ден тука присутни во овие простории“, истакна Маја Божиноска, здружение „Надеж за сите“.

 

Но сега и на оние кои цела година неуморно помагаа им е потребна помош. Пред се финансиска за да може да функционираат како здружение и да продолжат да им помагаат на големиот број семејства. Досега не добиле ниту денар поддршка од државата иако се обратиле и до Општина Прилеп, Владата и до Претседателот на Македонија. Затоа сега како здружение бараат помош од приватни фирми и добронамерни граѓани, затоа што засега сите основни трошоци за функционирање на здружението ги покриваат од сопствени средства.

 

„Пред се имавме молба до Општина Прилеп за магацински простор, државна кола и дел финансиски средства околу потребите заради материјалните трошоци, но бевме одбиени. Упативме апел, писмо и до претседателот на Република Македонија за да ни помогнат околу магацинскиот простор, во соработка со Општинава, но и од таму бевме одбиени, така да од сите државни институции ние немаме никаква поддршка. Ако не добиеме помош од донатори, тука застанува и нашата работа. Ние нема да се предаваме, ќе одиме со сите сили и нема да застанеме, но може да се намали бројката во Република Македонија. Значи ако ја држиме цела Македонија, ако се намали бројот на донатори, може да опфатиме само дел Прилеп и некои други одредени места, други градови, но не цела Македонија“, изјави Билјана Глигорова, здружение „Надеж за сите“.

 

Велат дека поради Ковид пандемијата бројот на оние на кои им треба секојдневно помош во храна, облека и лекови бил се поголем.

 

„Процентот на сиромаштија значително од ден на ден се повеќе се зголемува, значи се повеќе и повеќе сиромаштија. Дури не можеме ни ние процентуално да кажеме, затоа што секој ден се повеќе и повеќе ги има. Дневно се случува по 20 семејства да имаат некаква потреба, плус од тие што ги имаме редовно што се грижиме да не останат без корка леб, затоа што навистина има и такви случаеви со дечиња мали што немаат буквално леб да јадат“, додаде Васе Благадушоска, здружение „Надеж за сите“.

 

Засега помошта која ја даваат ја обезбедуваат од донатори од Македонија, но и од Македонци иселени во странство кои сакаат да помогнат за своите сонародници. Доколку сакате да остварите контакт со со здружението тоа може да го остварите преку нивната ФБ страна „Надеж Надеж“.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи