Компаниите добија 3 месеци да ги пријават своите вистински сопственици

Facebook
Twitter
Email
Print

 

 

Фирмите имаат рок од 3 месеци да ги дадат податоците за вистинските сопственици. Националниот регистар на вистински сопственици е во функција од денеска, со што и Централниот регистар се вклучува во борбата  против  против перењето пари и финансирањето тероризам.

 

Вистинските сопственици на фирмите мора да бидат познати на јавноста и институциите – најдоцна за 90 дена почнувајќи од денеска, додека за новооснованите рокот изнесува 8 дена. Доколку доколку не ја исполнат обврската, ќе се соочат со финансиски проблеми, односно нема да можат да работат.

 

Вицепремиерот во Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски посочи дека целта на регистарот е да навлезе длабоко во сопственичката структура на правните субјекти за транспарентно  да објави кој е тој што реално профитира од работата на компаниите во нашата земја, скриен зад комплексна слоевита правна структура.

 

„Доколку органите на истрагата и на прогонот немаат можност за јасна идентификација на сторителите на кривични дела, тие остануваат немоќни во процесот на нивното гонење и изведување пред правдата, што придонесува овие криминални шеми дополнително да се продлабочуваат. Токму во овој контекст, една од главните алатки за справување со овој ризик е овозможување на транспарентност на ниво на вистински сопственици на правните лица. Тоа подразбира идентификување на физичките лица кои директно или индиректно остваруваат управувачка или контролна улога во едно правно лице, односно на било каков начин имаат крајно и ефективно влијание во работењето и управувањето на истото”, изјави вицепремиерот Николовски.

 

Националниот регистар на вистински сопственици е обврска преземена со усогласувањето со европското законодавство, а неговото создавање го помогна Германското друштво за меѓународна соработка.

 

„Европската унија утврди дека регистарот на вистински сопственци е од многу големо значење и поради тоа од јануари 2020 година го направи да биде задолжителен за сите земји-членки на ЕУ. Затоа сега треба, да се воспостават вакви структури и во Северна Македонија.  Германија ја гледа Северна Македонија како идна членка на Европската унија”, изјави заменик-амбасадорот на Германија во земјава, Ото Граф.

 

Според директорката на Централниот регистар Марија Бошковска Јанковски воспоставувањето на Националниот регистар за вистински сопственици ќе даде дополнителен квалитет во однос на транспарентноста на домашниот пазар но, e и алатка во борбата со перење на пари и финансирање на тероризам.

 

Ослободени од обврската да објават вистински сопственик се трговските друштва во државна сопственост, оние кои се регистрирани како трговец поединец, буџетските корисници и самостојните вршители на дејност.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи