Откупувачите да не го преземаат тутунот според шифри, туку по класи, реагираат тутунарите

 

Тутунот во најпроблематичните региони да се откупува и во сабота, а родот да се презема по класи, не според шифри како што прават некои откупувачи, апелира денеска Сојузот на тутунските здруженија на Македонија.

 

Според претседателот на Сојузот, Менде Стомнароски, досега во земјава се откупени речиси две третини од договорените 23.000 тони, цената е иста, но најпроблематични се долненскиот, кривогаштанскиот и крушевскиот реон. Затоа таму треба да се откупува и во сабота.

 

„Со зголемена динамика, договорените уште околу 7.000 тони, може да се откупат за 12-ина дена, за потоа, од средината на февруари, до крајот на законскиот рок, 28 февруари, да се купи вишокот тутун“, вели Стомнароски.

 

Според него, најголем проблем за дел од тутунарите е тоа што откупувачите продолжуваат со купување тутун според шифри, а со тоа остануваат празни договори и лажен вишок на тутун.

 

„Некои откупувачи не сакаат да купуваат според количествата и класите, туку продолжуваат со тоа што барвме да се отфрли – купување тутун според шифри. Така остануваат празни договори и зголемување на лажни вишоци. Бараме тутунот да се откупува според класи и количества“, нагласува Стомнароски.

 

Од Тутунскиот комбинат – Прилеп уверуваат дека ги надминале проблемите со документацијата и набавката на картони и го преземаат тутунот од кооперантите на „Далија табак”. Генералниот директор на Тутунскиот комбинат, Кире Станкоски информира дека ќе се работи и во сабота.

 

„Паралелно, со нашите договорени количества кои се 70 насто откупени, се откупува тутунот од кооперантите на „Далија табак”. Се купува на петте пунтови во Радовишко. Ги информирам тутунарите дека ќе се работи и во сабота за да се купи тутунот за што презедовме обврска“, објаснува Станкоски.

 

Од Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Прилеп велат дека досега, во прилепскиот регион 2.000 тутунари пријавиле 2.700 тони вишок. Пријавувањето е до 5 февруари.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи