Импресивната историја на Прилеп во време на Византија – ктиторите на црквите во Варош биле најмоќните луѓе во тогашната Империја


Највисокиот степен на развиток Прилеп го има за време на Византија, во последните децении на 13 и првите децении на 14 век се до 1334 година, кога овој простор го освојува српската средновековна држава.

За време на Византија градот имал 2 елементи. Горен град или акропол, каде имаме разновидни содржи. Покрај она фортификациско значење, тука има и цел систем на палати каде живеелe воено-политички великодостојници. А во подножјето, на падините на ридот, се наоѓал долниот град или делот каде живее цивилното население.

Во тоа време на Византија Прилеп е и еден од најголемите центри на црковна уметност и архитектира во внатрешноста на Балканот заедно со Охрид и Костур на територијата на целата Македонија.

Местото каде се градени црквите, сегашната населба Варош во Прилеп, или тогаш подградието на средновековен Прилеп претставува трговскиот, економскиот и културниот центар на градот. Тука се одржувал и еден од најголемите панаѓури во тоа време во Македонија.

„Најголемата експанзија на црковно градителство и сликарство,создавање на уметност, се случува некаде во втората половина на 13. век кога Прилеп се нашол на самата граница помеѓу Византија и средновековната српска држава. Всушност, тогаш Прилеп станува една од најзначајните бази на Византиската Империја. Византиската воена и цивилна администрација се лоцира во Прилеп во тој период, и тогаш, тоа почнува то т.н. реставрација на Византија, во времето на палеолозите. Всушност, ктиторите на овие црковни градби се претставници на таа византиска аристократија која што доаѓа овде да ја обавува својата функција“, вели Александар Василески, историчар на уметност.

Денес се уште постојат и активни се црквите Свети Димитрија, Свети Никола, Свети Петар и Павле, како и Света Богородица Пречиста. Освен овие цркви постои и активен и е манастирот Свети Архангел Михаил за чие создавање постојат доста интересни историски записи.

„Меѓу тие имиња, за среќа кои што се сочувале, како ктитори на овие градби, секако најистакнато е името на големиот хартулариј на западот Јован кој што е ктитор на манастирската црква Св. „Архангел Михаил“. Всушност, тоа е значајно бидејќи, тој бил еден од најмоќните луѓе во своето време во Византија. Поради некоја причина, за нас непозната, одлучил токму тука да ја изгради својата ктиторија, која што воедно требало да послужи како негов мавзолеј, по неговата смрт, да биде закопан во црквата, да биде погребан тука. Црквата е двокатна, горниот дел каде што влегуваме тоа е наосот на црквата. Во долниот дел, има една просторија која што во 19 век се служела како лекувалиште на душевно болни, имала таква функција и всушност, тој дел, во 19 век бил пренаменет и бил отворен влез. Во долниот кат од црквата има откриено фрески кои што прикажуваат светител кој што води личности, од кои што првата е облечена во аристократска облека. Поради тоа се претпоставува дека тоа е всушност портретот на Јован и неговото семејство кои што биле погребани тука. Подоцна црквата претрпела многу оштетувања, паднати биле куполите, горните конструкции и во тие реновирања немаме остатоци конкретно човечки долу, за да можеме да тврдиме дали била обавена таа погребна функција или не била обавена, но во секој случај, тоа што постои тука тој ктиторски портрет, каде што е прикажан Јован заедно со неговото семејство, укажува на тоа дека најверојатно биле погребани тука“, раскажува Василески.

 

МАНАСТИРОТ СВЕТИ АРХАНГЕЛ МИХАИЛ

 

Значајно за манастирската црква е и фрескоживописот, кој е делумно сочуван, и е изработен од една од најпознатите работилници на територијата на Охридската Архиепископија во втората половина на 13 век, а тоа е работилницата од референдарот и ѓакон Јован, кој работи и на фрескоживописот во црквата Свети Никола во село Манастир Мариово. За манастирот Свети Архангел Михаил значајни се нацртаниите портретии на Кралот Марко и татко му Волкашин на влезната врата од црквата.

„Науката претпоставува дека тие настанале кратко после Маричката битка. Податок кој што наведува на таквото размислување е белата облека на кралот Марко која што облека во тоа време била облека на жалост, и всушност таа укажува дека тој најверојатно бил во жалост за татко му, Волкашин. А, друг значаен податок е дека тие се нарекуваат симболична претстава на инвеститура божествена, односно прикажана е божјата рака како ја поставува круната на главата на кралот Марко што има за цел да покаже дека неговата власт била од божествено потекло, дека е оправдана“, рече Василески.

Црквата Свети Димитрија е најголемата зачувана црква од некогашнииот град. Ктитор на црквата бил Димитриј Мисинополит потекнува од Солунската област и бил доста моќен чиновник во Византиската иимперија во Прилеп. Подоцна околу српското освојување на овие простори еден од синовите на Димитриј Мисинополит ја дава на поклон црквата заедо со целиот нејзин имот на манастирот Трескавец.

 

ЦРКВАТА СВЕТИ ДИМИТРИЈ

 

 

Тука е и црквата Свети Атанасиј од која останати се само ѕидовите, кровот го нема и во црквата не се извршуваат никакви црковни служби. Според патеписецот и архимандрит Антониј кој поминал во Прилеп во 60-тите години на 19 век опишал дека фрескоживописот кај црквата бил комплетно зачуван, но од тогаш до денес не е останато за жал ништо.

„Таа е градена во правилен т.н.опусклоазене, односно, ќелиест систем, кој што се карактеризира со правилно оформени блокови и врамени со тули. Тој е еден од најрепрезентативните системи за градба на средновековни цркви, воопшто во Византија“, додава историчарот на уметност Василески.

 

ЦРКВАТА СВЕТИ АТАНАСИЈ

 

 

Една од најзначајните цркви во Прилеп во тој период е црквата Свети Никола изградена во 1298 година од страна на благородникот Вего Капза и неговата жена Марија.

„Црквата е особено значајна бидејќи има една од најбогато декорираните фасади воопшто во византискиот свет кои што се сочувани кај средновековните цркви и таа се карактеризира со повеќе типови на орнаментални украси, односно таа т.н. керамопластична декорација, која што е изведена со тули, има мотиви на рибина коска, ромобови, цик цак ленти, но исто така има и примена на т.н. лончиња, кои што претставуваат посебни градежни елементи кои што биле вградувани во византиските цркви со цел да се зголеми акустиката во нивната внатрешност, но и за да се олесни градбата во повисоките партии“, велии Василески.

 

ЦРКВАТА СВЕТИ НИКОЛА

 

Се уште во науката се води дебата дали црквата настанала во рамките на две градежни фази. За тоа најзаслужна е различната градежна техника во пониските и повисоките делови на црквата. Повисоките делови се изградени од тула, а пониските од масивни камени блокови кои што се грубо обработени, но има и примена на антички сполии, односно елементи од постари антички објекти.

„Особено значајно во црквата е тоа што е комплетно сочувана комплетно нејзината фрескодекорација во внатрешноста, која што се смета дека е производ на 2 сликарски работилници, односно 2 сликарски ателјеа биле ангажирани за изведбата на ѕидното сликарство. Постарата работилница работела во олтарскиот простор на црквата и ја сликала претставата на Богородица која што е придружена од архангелит Гаврил и Михаил, додека пак работилницата која што работела околу 1298 година го насликала живописот во наосот на црквата“, потенцира Василески.

Инаку според народното преданието во Прилеп во Варош постоеле 77 цркви, но со археолошките истражувања досега се откриени само 10-тина.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи