Министерството за здравство информира дека КОВАКС системот преку допис ги соопштил деталите за првата испорака и типот на вакцината која ќе пристигне во нашата земја.
Како што стои во соопштението станува збор за вакцината „Астра Зенека“ (AstraZeneca), од која првата количина за Македонија е планирано да пристигне во март. Од КОВАКС информираат дека за Македонија се предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози од оваа вакцина, од кои околу 35 отсто треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината.
Првично, министерот за здравство, Венко Филипче извести дека после директните преговори со „Фајзер“ обезбедил 800.000 вакцини против Ковид-19.
„Договорот беше дефиниран во телефонски разговор на министерот Филипче и висок претставник на компанијата производител на вакцини против Ковид 19. Првите 5.850 дози вакцини на „Фајзер“ ќе стигнат во февруари, потоа ќе следува пратка со поголема количина во март, април, а динамиката за цела 2021 година дополнително ќе се утврди“, стои во соопштението.
Од КОВАКС информираат дека во првиот бран на достава на вакцината „Фајзер“ (Pfizer BNT162b2) се вклучени само 18 учесници, а не се вклучени земјите кои започнале сопствени програми за вакцинација против Ковид-19.
Во регионот, во Албанија, вакцинацијата се одвива со забрзано темпо. Денес, премиерот Еди Рама ја прими втората доза од вакцината „Фајзер“.
Рама изјави дека врз основа на договорот со „Фајзер“, следната недела во земјата ќе пристигнат уште 10 илјади дози, а до крајот на месецот уште 30 илјади дози.
Каде потфрли македонскиот договор со „Фајзер“?