Власта во Македонија не се откажува од попис – Бугарија, Србија, Хрватска, Косово, Романија и Германија го ставаат здравјето на граѓаните на прво место и одложија попис

Власта во Македонија одлучна да спроведе попис во време на пандемија. Денес, премиерот Зоран Заев посочи дека пописот на населението во Македонија е насушна потреба и мора да се реализира.

 

 

„Во Владата, на локално ниво, градоначалниците, сите државни, локални претпријатија, сите приватни фирми, па и целиот наш народ, работиме во магла, во матно, не ги знаеме бројките. Не знаеме колку сме, каде сме распоредени, кои ни се индустриските параметри, кои ни се основните ресурси и каде тоа дава сериозни индикации за зголемување на економскиот раст на државата. Предвиден е да се спроведе од 1 до 21 април и тој треба да се заврши. Уште еднаш ќе повторам. Налето никаде не се прави попис, септември е кампања, октомври се локални избори. Ако одлагаме, за кога да одложиме. За мај? Тоа нема ништо да смени. Треба да се фокусираме сите одговорно да го завршиме пописот, а тоа е граѓанска обврска јасно утврдена со закон. Ако сме држава, треба државнички да се однесуваме и државнички да се поставиме. Пописот е насушна потреба во интерес на сите граѓани, потенцира Заев.

 

Попис за време на пандемија не е опција за европските држави. Државите во регионот како Бугарија, Србија, Хрватска, но и пошироко како Романија и Германија, одлучија да го одложат пописот за наесен или за напролет следната година.

 

 

Официјалното образложение во Хрватска е дека пописот мора да биде квалитетен со повисок одѕив, бидејќи мора да се земе предвид здравјето како на граѓаните така и на попишувачите. Според хрватските власти во ситуација кога имате луѓе во болници, на апарати за дишење, во изолација, под знак прашалник е каков ќе биде квалитетот на податоците.

 

 

Денес и Косово го одложи пописот. Директорот на Агенцијата за статистика на Косово, Авни Кастрати, за пописот кој требаше да се одржи годинава, рече дека ќе се реализира во 2022 година, пренесува Радио Слободна Европа.

 

 

– Поради пандемијата од коронавирусот и локалните избори кои ќе се одржат во октомври годинава, оптимален датум за пописот би бил месец април 2022 година, но и понатаму не е утврден точен датум, изјави Кастрати.

 

 

Македонија е една од ретките земји во Европа во која не е почната вакцинацијата, но овој фактор се чини дека нема да влијае на реализацијата на пописот.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.