„Сеќавања на туризмот?!“

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

 

 

На денешен ден сме го славеле Денот на нашата фела. Ќе се соберевме организирани колеги-водичи од цела Македонија, со претходно избрана дестинација за откривање и ре-откривање (цркви, манастири, музеи и природни убавини, каде, се разбира, не беа изоставени и кулинарските задоволства од посетените региони), со добро спремен патен распоред и вечно присутна волја за патување, ќе го одбележевме како што доликува Денот на туристичките водичи. Ја зацврстувавме колегијалноста преку дружење и разговарање за состојбите во туризмот, секој во своето поле и со целната група каде активно творел во изминатите години. По секоја средба, ќе излезевме побогати и повесели. Важно беше и остана – да се консолидира фелата и да се настапи едногласно во заштита на правата на туристичките работници, но и да се понуди организација и знаење на странските гости и туристички партнери.

 

Ја пишувам колумнава со извесна количина носталгија и сеќавање, како што можете да почувствувате по секоја мисла, секоја точка и запирка на текстов, бидејќи туризмот (нашиот занает и начин на живот) се промени од корен со настапувањето на непознатиот вирус ковид-19 (намерно заслужува мали букви!) и прогласувањето пандемија во целиот свет. Затворањето на границите го доведе до работ суштествувањето и смислата на туризмот – имено, отвореноста кон нови идеи, земји и култури, и слободата на движење и размислување, што имаше за цел поврзување на луѓето од сите раси, вери и етникуми. Туризам значеше нешто многу повеќе од одмор: значеше начин на живеење и работење.

 

 

Последиците од ковид-кризата се далекусежни и катастрофални за туризмот и туристичките работници, во кои се вбројуваме и ние, туристичките водичи. Нашата економска и социјална интеракција во туризмот беше нагло прекината со затворањето на земјите, а денес – повеќе од една година од првите случаи на зараза во регионот и во Европа – нема изгледи дека скоро ќе се вратиме на т.н. нормала во работењето. Туризмот беше прв затворен, а последен ќе се отвори по евентуалното совладување на ковид-19. Мерките што беа спроведени од државата за помагање на туристичкиот сектор беа, според мое мислење, недоволни и неефективни, бидејќи го имаа за цел само голото егзистирање на повеќето туристички работници и фирми, беа еден вид одолговлекување на крајот. Не се донесоа мерки и протоколи, како да МОЖЕМЕ да работиме и заработуваме, туку сме оставени со нејасна визија како и кога ќе продолжиме да го работиме она што најмногу го знаеме и сакаме!

 

Економските загуби беа огромни последната година за многу луѓе. Цели градови и региони изгубија вредни ресурси и средства. Но, да не заборавиме, луѓето се највредниот ресурс што може една земја да го има. Знаењето е најголемиот ресурс кој мораме повеќе да го користиме за да обмислиме одржлив развој на туризмот.

 

Многу колеги се принудени да ја променат професијата, што не оди така лесно и е далеку од она што сакале да го прават. Ним им ја посветувам и колумната, со желба да издржат во тоа што го прават, и да останат оптимисти дека можеби наскоро ќе можеме да се вратиме на „тркалата што живот значат“, и заедно со пејачите, ќе го фатиме микрофонот в рака, за да раскажуваме за убавините на нашата мила татковина Македонија!

 

Можеби е време да почнеме да размислуваме како да го заштитиме туризмот од вакви и слични неочекувани катастрофи? На пр., со заштита на природната средина и почитување на локалната биоразноликост. Можеби е време за промена на навиките и спецификите на работење? – За решавање на овие проблеми, потребна ќе ни биде помош од државата и локалните заедници, но ние ќе бидеме секогаш проактивен партнер во подобрување на туризмот и туристичкото искуство во земјата. Ќе останеме трпеливи и нема да очајуваме, бидејќи сеќавањата на туризмот ќе бидат нашата водилка во ново конципирање на нашиот ангажман во истата привлечна професија.

 

На нашите сограѓани би им посакал многу здравје и скора можност за патување!

 

Нека ни е честит Светскиот ден на туристичките водичи!

 

Aвтор: Милан Велески, магистер по туризам и професионален тур. водич

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Липо ласер и спа капсула за прв пат во Прилеп

Play Video

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи