ВИДЕО- Ковид 19 коси во Прилеп, главна причина британскиот сој, заболените граѓани ги кријат контактите, повторно се отвораат ковид центрите во болницата

Ковид 19 повторно коси во Прилеп и можеме да кажеме дека на еден начин градот под Марковите Кули го живее т.н. трет бран од оваа пандемија. Минатата недела скоро секој ден имавме по околу 40 до 50 нови случаи на заразени со корона вирусот, а исто така се зголемува и бројот на починати кој само вчера изнесуваше 5 мина. За жал повторно се полни со хоспитализирани граѓани и прилепската болница, повторно се активираа и ковид центрите кои во јануари беа затворени. Така што сега освен во инфективното одделение ковид пациенти се сместуваат и во одделението за уво, нос и грло, а денеска се планира и повторна преадаптација за оваа намена и на еден дел од интерното одделение. Повеќе околу оваа тема ќе ни кажат нашите двајца соговорници, директорката на Центарот за јавно здравје Драгица Николоска и директорот на општата болница Драган Богоески.

 

ИЗВОР : Сител

 

 

Николовска, овие денови имаме драматично зголемување на бројот на новозаразени лица од Ковид 19 во Прилеп. Дали може да се каже зошто и како дојде до ова рапидно зголемување на бројот на заболени со Ковид 19 во Прилеп, кој после Скопје е втор град во Македонија според бројот на новозаразени и активни случаи, а ако сметаме по глава на жител можеби и прв?

 

Ако се земe во предвид дека британскиот сој е присутен со 50% од вкупниот број на потврдени случаи, а и кога знаеме дека тој е многу позаразен, се очекува зголемување на бројот на позитивни случаи и очекуваме за брзо време британскиот сој да стане доминантен. Во моментов имаме 483 потврдени активни случаи на Ковид 19, а досега од вирусот починале 253 граѓани. Од почетокот на пандемијата во Прилеп се заразиле 5.111 граѓани.

 

Освен британскиот сој на Ковид 19, дали можеби имаме и друга причина за ваквата зголемена бројка во Прилеп, дали при епидемиолошките анкети кои се прават граѓаните можеби ги кријат контактите или реално ги кажуваат?

 

Прва и главна причина е тоа што британскиот сој е многу позаразен, исто така и кријањето на контактите е голем проблем за епидемиолозите и секако дека непочитувањето на мерките од страна на граѓаните придонесува за ваквата зголемена бројка во Прилеп.

 

Дали во Прилеп во моментов може да се евидентираат кластери? Затоа што знаеме дека лани во месеците ноември и декември практично целиот град беше еден голем кластер, ситуацијата беше страшна и беше оневозможено тоа следење. Каква е во моментов ситуацијата на овој план, колку кластери имаме?

 

Во овој момент можно е следење на кластерите. Пред се станува збор за фамилијарни кластери со оглед на тоа дека вирусот е многу заразен, многу брзо се шири во домашни услови. Но тие исти лица работат и во работни организации, така што бројот на заразени се зголемува. Имаме активни околу 10-тина кластери во моментов.

 

Како што кажавте кластерите се најчесто од семејни дружби дали и во работните организации има кластери?

 

Во компаниите има ригорозни протоколи кои за наша среќа се следат и тие случаи кои ќе се појават брзо се изолираат и се отстрануваат. Така што пред се станува збор за фамилијарни големи кластери.

 

Која е вашата порака во овој момент како Центар за јавно здравје, затоа што навистина бројките рапидно растат?

 

Пораката е универзална постојано кажуваме дека треба да се носат заштитни маски, да се држи дистанца, да се дезинфицираат рацете и секако оној престој на затворено да се избегнува. Еве сега и временските услови се подобри, времето е потопло и треба да се има поголем престој на отворено.

 

Богоески, освен зголемениот број на нови случаи со Ковид 19, се зголемува и бројот на хоспитализирани случаи во општата болница во Прилеп, колкав е нивниот број и во каква состојба се наоѓаат тие ?

 

Во моментов во општата болница се хоспитализирани 54 мина, ова е податок од утринава, но можеби бројката ќе се зголеми бидејќи имаше најава и за нови приеми. Од овие 54, 30 лица се сместени на инфективното одделение, а 24 во ковид одделот во ушното одделение. Симптоматологијата од британскиот сој не е поразлична од она што беше и порано, клиничката слика кај пациентите е идентична. Голем број од овие пациенти кои сега се на лекување се со потешка клиничка слика, со ниска сатурација и 70% од нив се на кислородна поддршка. Ако споредиме со октомври и ноември лани динамиката и бројот на заболени е нешто помал. Но сепак можеби е половина од таа бројка. Со оглед дека расте бројнот на пациенти кои имаат потреба од болничко лекување од денеска се активира и одделот во интерното одделение каде што ќе се сместуваат ковид пациенти.

 

Има големи забелешки во однос на смртноста. Зошто толкава смртност?

 

Смртноста зависи од бројот на заболени. Ние имаме детектирано дека имаме околу 50 – 60 заразени во денот. Сметајте дека има голем број на пациенти кои не се пријавиле да се регистрираат како заразени. Можеби бројката на заразени е поголема, можеби околу 100 во текот на еден ден, од кои некои не се тестирани, и бројот на смртните случаи зависи од бројот на заболени. Споредбено со Битола, на пример, каде што има 5, 10, 15 пациенти, ние имаме 50, 60 пациенти во денот. Тоа што вчера беа пријавени 5 починати е заради тоа што имаше кумулација на починати пациенти и од саботата и од неделата, и затоа е така наеднаш бројката голема, бидејќи во саботата не беа пријавени тие случаи.

 

Рековте дека повторно стартуваат оние т.н. ковид оддели. Уво, нос и грло е преадаптирано за ковид центар, сега и еден дел од интерното одделение. Како полека да се враќа таа страшна слика што ја имавме во текот на ноември и декември минатата година. Тогаш не само прилепската болница, туку и сите медицински установи во Македонија кубуреа со персонал. Што доколку се случи еден нов трет бран на пандемијата? Како ќе се снајдеме тогаш во однос на кадарот?

 

Во овој момент, ние успеваме да се снајдеме со кадарот, со ротација и со ангажирање со договор на дело со нови сестри и болничари. Во овој момент, на овие потреби, успеваме да одговориме соодветно со овој персонал. Можеби сега е подобра ситуацијата бидејќи сега немаме болни од здравствениот персонал и тие не отсуствуваат од работа, па успеваме да ги покриеме потребите за сите 3 оддели кои сега ќе функционираат. Да напоменам дека имаме околу 40 до 50 пациенти кои се лекуваат во дневна болница на инфективното одделение. Најверојатно, од утре таму ќе почне да работи уште еден дел за дневна болница, бидејќи бројката од 40 пациенти е многу голема, многу обемна за да може да се одговори на нивните барања од дневната болница на инфективно одделение која во моментов функционира.

 

Започна вакцинацијата за медицинските лица во Македонија. Како оди тоа во Прилеп, односно во општата болница „Борка Талески“?

 

Во општата болница „Борка Талески“ од петокот почна вакцинацијата. Имаше здравствени работници кои се вакцинираа во петокот, меѓу кои бев и јас, потоа во саботата. Денес и утре има поголема група за вакцинација. Со тоа обврската што ја имавме од пријавените здравствени работници со утрешниот ден ќе биде целосно исполнета.

 

Колку вкупно ќе се вакцинираат здравствени работници?

 

Некаде околу 150 здравствени работници. Беа пријавени околу 200 и нешто, меѓутоа при повторното нивно интервјуирање, некои се откажале од вакцинација.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи