Извидништвото како начин на живеење

 

Доколку некогаш сте се запрашале дали постои место каде може да спортувате, да планинарите, да кампувате, пеете, да се дружите, да волонтирате , а воедно и да организирате безброј активности од различни сфери, со сигурност би одговорила дека тоа се извидниците. За сите оние кои не знаат, извидништвото е најголемото светско движење во кое досега членувале околу 54 милиони волонтери. Историјата на ова движење започнува во 1907та година на островот Браунси, кога Лорд Роберт Баден Пауел организирал експериментален камп со 22 момчиња од различни социјални слоеви. Членовите ги нарекол извидници, по сеќавање на воените извидници кои се бореле со него во Бурската војна. Организацијата ја нарекол Boy Scout Association. Така, 1907 година се смета за почеток на извидничкото движење. Јавноста се запознала со организацијата кога во 1908 година била публикувана неговата книга Scouting for Boys.

Кон ова светско движење, се приклучува и Сојузот на извидници на Македонија (СИМ). Имено, во тогашна Македонија со формирањето на првите стегови е формиран и Вардарскиот скаутски регион, со седиште во Скопје. Во почетокот, од 1921 до 1940 година, се споменува дека се организирани многу летни логори и школи. Голем датум во историјата на СИМ е 25-ти јули 1997 година, кога Светската организација на скаутското движење – WOSM – соопшти дека Сојузот на извидниците на Македонија е примен како полноправна членка и е дел од  алијансата на земјите членки на WOSM.

После долг период без извиднички одред, извидничката традиција во Прилеп повторно започна во  2015-тата година со формирањето на  Извиднички одред „Феникс“ – Прилеп. Приказната започнува со десетина млади, ентузијасти, меѓу кои и јас, чија цел беше  градот херој повторно да го  оживееме во духот на извидништвото. Поттикнати од мотото „Да создаваме подобар свет“, моите соработници и јас започнавме со работа со група млади, со цел  да создадеме активни луѓе кои се самоисполнети како издивидуи и имаат конструктивна улога во општеството.

Се започна со свечената заклетва:

„Давам чесен збор, дека ќе ја запознаам и сакам својата татковина, дека ќе ја прифатам духовната реалност и ќе го барам нејзиното потполно значење, дека ќе им помагам на другите и ќе живеам и работам по извидничките закони„ – каде ветивме дека засекогаш ќе се придржуваме кон извидничките закони. Од тој ден, мојот начин на живот целосно се измени.

Како веќе 6 годишен член во одредот, дел од првите водачи, а сега веќе и началник на одредот, за извидништвото би можела да кажам дека е начин на живот и филозофија преку која се стекнуваат животните вештини и искуствата кои извидниците ги користат понатаму во секој дел од својот живот.Извидништвото е живеење во хармонија со природата и општеството, во склоп на систем на  вредности базирани на извидничките закони и завет. Извидништвото е семејство, место каде се дружиме, учиме секој да се грижи за себе, но и  за  другите. Учиме и работиме да ја зачуваме природата, да им помагаме на другите,да ги негуваме духовните и културните вредности, како и да ги применуваме стекнатите знаења. Извидништвото е комбинација каде преку образование, авантура и забава, извидниците се едуцираат, се развиваат и прераснуваат во млади кои постојано работат на создавање на подобар свет.

И за крај, мојата вечна мотивација во последната порака од таткото на извидништвото:

„Потруди се да го оставиш овој свет малку подобар од тоа што си го нашол, па кога ќе дојде твојот ред за умирање, можеш да умреш среќен, со чувство дека не залудно си го поминал своето време, туку си направил најмногу што може. Биди подготвен за да живееш среќно и да умреш среќен“

Автор : Ивана Сурлаџиоска, началник на извидничкиот одред „Феникс“ од Прилеп

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи