САД донираа 1269 автоматски пушки М-4, во вредност од 1,2 милион американски долари на нашата Армија, за поддршка на развојот на лесната пешадиска баталјонска група.
„Со овој дел опрема, обезбедуваме над 1200 М-4 автоматски пушки, со калибар 5.56, кој е стандард на земјите членки на НАТО и ја продолжува нашата конверзија од стариот во новиот стандард. Со оваа опрема дополнително, освен специјалните сили, коишто и досега добија пушки од овој тип, ќе обезбв целосно опремување на нашата лесна пешадија, која не е само македонска единица, туку е веќе и НАТО-единица и која ја подготвуваме за првото НАТО-оценување во 2022 година“, рече Шекеринска, посочувајќи дека ова е дел од опремата што ја добиваме, а вкупниот број на вакви автоматски пушки е над две илјади, дополнително со обзбедена заштитна опрема за војниците.
Американската амбасадорка Кејт Мари Брнз изјави дека со оваа донација се докажува ширината на американската соработка и дека САД ќе продолжат да бидат стратешки партнер во активностите за модернизирање на македонската Армија.
„Ова е уште еден пример како работиме заедно за да бидеме сигурни дека нашите сили кога заедно ќе се борат и кога заедно ќе обучуваат ќе бидат интероперативни, а овие пушки ќе ја зајакнат интероперативноста не само со САД, туку и со другите сили на НАТО. Ова ќе биде многу важно и многу влијателно за понатамошните активности. Ова е уште еден доказ на нашата долготрајна одбранбена соработка што беше уште повеќе зајакната со поштпишувањето на Меморандумот за разбирање минатата недела, но ова е и доказ за обврската на вашата земја за модернизирање на македонската армија. Ова е заложба вашата Армија да биде не само подготвена и активна, како најнова сојузничка во НАТО, туку да биде и добро позиционирана да придонесува заедно со нашите сили“,рече Брнз.
Оваа донација преставува дел од проект кој треба да заврши до 2022 година, а тој опфаќа и дополнителна воена опрема како пушкомитралези, фрлачи на гранати, како и придружни и заштитни елементи корисни за војниците.
