Пендаровски: Без долгорочни мерки неповратно ќе ги изгубиме водните ресурси

Facebook
Twitter
Email
Print

Севкупниот развој на државата во голема мера зависи од квантитетот и квалитетот на нашите водни ресурси. Доколку не превземеме долгорочни мерки за нивна заштита, многу лесно можеме неповратно да ги изгубиме, рече претседателот Стево Пендаровски.

„Постојат неколку причини за ваквото неодржливо управување со водите. Прво, ниското ниво на јавна свест и лична совест. Се уште доминира сфаќањето дека водата е ресурс што може неограничено да се троши. Ваквиот недомаќински однос е особено загрижувачки ако имаме предвид дека 11 проценти од вкупниот број на индивидуални домаќинства во Северна Македонија сѐ уште немаат пристап до вода за пиење“, рече претседателот Пендаровски.

Според некои проценки, во државата се прочистуваат само околу 3 до 4 проценти од вкупното количество отпадни води од рударството и индустријата, а најголем дел од непрочистената вода се испушта директно во почвата, во реките, акумулациите, езерата и јавната канализација. Подеднакво сериозен проблем, според претседателот, е вадењето песок, чакал и камен од речните и езерските брегови и корита, што во отсуство на јасни критериуми и контролни механизми, како што рече, прераснува во de facto легализирано уништување на речните корита.

Слаба алка во нашиот систем е и инспекцискиот надзор, кој е нередовен и реактивен, поради законски недоречености и буџетски ограничувања.

Според претседателот, климатските промени дополнително ги усложнуваат проблемите поради фактот што нашата држава се наоѓа во еден од климатски најранливите региони не само во Европа туку и во светот. Како особено загрижувачка ја посочи состојбата со Преспанското езеро.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи