ВИДЕО – Иако под гаранција за новите градски автобуси, за 1,5 година, се потрошиле 12.500 евра за сервисирање

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

 

Четирите, нови градски автобуси, вредни фрапантни еден милион евра, а кои во функција беа ставени во август 2019-та година, за само 18 месеци од пуштањето во употреба, „изеле“ 12,5 илјади евра, народни пари, за нивно сервисирање и одржување. Оваа сума можеби и немаше да биде дискутабилна, ако не стануваше збор за нови автобуси кои притоа имаат и двегодишна гаранција од добавувачот „Автомакедонија“ од Скопје и која истекува дури за шест месеци.

 

 

„Аутомакедонија ќе има обврска да обезбеди сервис и резревни делови за новите автобуси во период од две години, заедно со гарнација за возилата од минимум 24 месеци или 100.000 изминати километри“, стои во образложението при набавката на автобусите.

За директорот на ЈП Градски сообраќај, Илија Иваноски пак, нема ништо спорно во оваа сума, бидејќи, според него, двегодишната гаранција, не подразбирала бесплатен сервис, туку подразбирала само обврска на добавувачот „Автомакедонија“ за во тој гарантен рок да ги обезбедува сервисот и одржувањето на автобусите, но за направените услуги имал право да си наплаќа соодветен паричен надоместок, што било и правено во изминативе 18 месеци, па така биле потрошени и тие 12,5 илјади евра, објаснува Иваноски.

Меѓутоа, овде интересно е да се спомене и фактот што заради Короната, новите автобуси, минатата година, најмалку три месеци беа целосно исклучени од сообраќај, а и после тоа возеа со редуцирани линии, што индиректно би значело дека новите автобуси во ефективна возна состојба биле нешто повеќе од само една година и за тој период „потрошиле“ точно 762.828.00 денари.

Инаку, набавката на овие еко-автобуси, од самиот старт беше проследена со низа контроверзи и бројни сомнежи во јавноста, пред се заради екстремно високата цена од по 250 илјади евра за автобус. Сепак, градоначалникот Илија Јованоски, тврдеше дека цената и условите под кои беа купени, биле одлични, бидејќи станувало збор за нови, а не за репарирани автобуси од јапонската марка „Исузу“.

„Овие четири автобуси ги зедовме сега, а плативме само еден и во наредните три години, ќе се отплаќаат по еден автобус. Тоа е добро и тоа без кредит, без камата и без никакви додатни трошоци“, изјави тогаш, градоначалникот Илија Јованоски ( 24.08.2019).

Во моментов, како отворен проблем останува и танкирањето на метанот,  горивото на кое возат еко-автобусите, бидејќи иако беше ветувано, сепак во Прилеп се уште нема Пумпна станица за метан, па автобусите, на секои два дена, по гориво одат во Битола. Директорот Иваноски немаше конкретен одговор кога ќе биде поставена оваа Пумпна станица, правдајќи се дека тоа било обврска на Бензинските станици, а за што Јавното претпријатие веќе имало распишано тендер.

 

Автор : Каролина Дурло

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Липо ласер и спа капсула за прв пат во Прилеп

Play Video

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи