Граѓани, компании и институции во осигурување вложиле 163,7 милиони евра

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

 

Граѓани, компании и институции лани купиле осигурителни полиси за животно и за неживотно осигурување во вкупна вредност од 10,06 милијарди денари (163,7 милиони евра), покажуваат официјалните агрегатни податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) за состојбите на осигурителниот пазар во 2020 година. На нашиот осигурителен пазар оперираат 16 компании од кои 11 друштва продаваат неживотно осигурување, а 5 се компании за животно осигурување.

Вкупната бруто полисирана премија (вкупна вредност на продадени полиси) лани е за 270,6 милиони денари (4,4 милиони евра) односно 5 отсто пониска од вредноста на продадените полиси во 2019 година, кога сите осигурителни друштва инкасирале 10,58 милијарди денари (172,1 милиони евра) од продажба на полиси. Детални податоци се достапни на следниот линк https://aso.mk/preliminarni-podatoczi-bruto-polisirana-premija-bruto-isplateni-shteti/

Во вкупната продажба на осигурителни полиси друштвата за неживотно осигурување учествувале со 82,7 отсто. Продажбата на полиси од класите на неживотно осигурување изнесува 8,3 милијарди денари (135,4 милиони евра). Друштвата за животно осигурување лани од продажба на полиси наплатиле 460,2 милиони денари (28,3 милиони евра).

Здравствената пандемија лани генерално негативно влијаеше врз националната економија, а тоа се одрази и врз работата на осигурителните друштва. Нивната вкупна продажба на осигурителни продукти се намали за 5 отсто. Но и покрај тоа 14 осигурителни друштва минатата година ја завршиле со добивка во вкупна вредност од 627,3 милиони денари (10,2 милиони евра).

АСО неодамна препорача осигурителните компании да се воздржат од исплата на дивиденда. Препораката има за цел компаниите да останат во добра финансиска кондиција во овие специфични и неизвесни услови на работење предизвикани од глобалната здравствена пандемија, а добивките да ги пренесат во  капиталот и резервите со цел да останат солвентни и ликвидни. Проактивниот пристап на АСО преточен во препораката има за цел осигурителните друштва да можат навремено и во целост да одговорат на финансиски побарувања на осигурениците и нивните права кои произлегуваат од договорите за осигурување.

Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) е независно регулаторно тело, основано во 2009 година, кое го регулира пазарот за осигурување и се грижи за заштита на правата на осигурениците и развој на перцепцијата за значењето на осигурувањето.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи