ВИДЕО – Спијат на земја, немаат храна, ниту алишта, кога врне им тече во куќата – заборавени од сите

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

 

Оставени од најблиските, заборавени од државата, препуштени сами на себе и на ужасната животна судбина, четиричленото семејство Кулески од прилепско Штавица, го „крпи“ животот во секојдневна битка за голо преживување. Марта Кулеска, која пред петнaесетина години дошла од Албанија за да формира семејство со Гоце во неговото родно село, освен што се грижи за нивните две ќерки, 13-годишната Ангела и 10-годишната Елена, се грижи и за триесетината овци, кои ги напасува по селските ливади. Куќата во која живеат и буквално им се распаѓа, а во неа немаат апсолутно ништо. Дури ни кревети.

 

 

„Ништо, ништо немам. Ни храна, ни алишта за децата…немам ни компјутер, ни телевизор, ни фрижидер….Куќата се распаѓа скрос, сега кога ќе врне –  се е внатре вода…Тешко, тешко, тешко…многу е тешко…“ – вели Марта Кулеска.

Иако веќе деценија и пол Марта живее во Македонија, таа се уште нема лични документи. Заробена во дивите мариовски предели, без никаков контакт со своите во Албанија, оваа жена, која очигледно има и евидентна интелектуална ограниченост, без никаков отпор се препуштила на животната, сурова стихија.

„Ништо немам, ни документи, ни пасош….ништо…Оооо, од кога да ти речам. Откако ми се роди детето Ангела. И оттогаш, повеќе никако кај моите“, – раскажува Марта.

Нездравата средина во која растат, без никаква помош од институциите, полека ги уништува и двете малолетни девојчиња. Облечени во стара и валкана облека, без никаква хигиена и без соодветна родителска грижа, тие дури се плашат и да комуницираат со надворешниот свет. Срамежливо признаваат дека одвреме-навреме, помош во храна и облека добивале од некои од своите наставнички од училиштето каде учат, во соседното село Лагово. Ова семејство, не е примател на социјална помош. Единствениот приход им се скромните примања на таткото Гоце кој работи како овчар.

Марта вели дека и од соселаните немала ниту помош, ниту пак, разбирање. Се пожали дека селските говеда, често пати им ги уништувале и насадите со зеленчук во бавчата во дворот, па така, останувале и без храна.

Иако овој случај му е познат на Центарот за социјални работи уште од пред 13 години, кога во семејството се случи невидената трагедија и им изгоре тримесечната, второродена ќерка Билјана, сепак оттаму ни рекоа дека дури сега, односно во наредниве денови ќе го посетеле семејството за да проверат дали и што му следувало од државата ?!

Инаку, непосредно по трагедијата со тримесечното бебе, тогашната локална власт презеде одредени мерки за да му помогне на семејството, но оттогаш досега, работите не само што не се подобрени, туку и многу повеќе се влошени, што ќе рече дека без конкретна институционална и стручна помош, иднината на ова семејство е крајно загрижувачка.

 

Автор : Каролина Дурло

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи