Жените од руралните средини остануваат невидливи за државата – 84% претрпеле големи негативни влијанија од пандемијата

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

 

Дури 84% од жените од руралните средини истакнале дека Ковид пандемијата имала негативен ефект врз нивниот живот и врз економската сигурност на семејното земјоделско стопанство. Од друга страна, пак, од 160 испитаници, мажи и жени од руралните средини само 28% се изјасниле дека се регистрирани како индивидуални земјоделци, од кои што само 15 се жени!

На прашањето, дали сте користеле поддршка за надминување на последиците од Ковид-19 пандемијата, 92% одговориле негативно. Една од причините зошто е тоа така е дека не се препознаени од системот, односно се невработени, а сепак работат од 9 до 11 часа на нива или на фарма.

Ова се резултатите од последното истражување кое што го реализираше Рурална Коалиција во периодот јануари-март 2021 година со фокус на програмите и мерките за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, но разгледувани од аспект на родова сензитивност и колку истите ги адресираат потребите на мажите и жените во секторот.

„Бидејќи и понатаму жените остануваат невидливи и се дел од неформалната економија, па не се препознаени ниту од системот ниту од државата, Рурална Коалиција во соработка со партнерските организации „Вредни Росомански Раце“, од Росоман и „Радика-Де“, од Дебар организираат промотивна кампања насловена „Од жена за жена“, а по повод март, месецот на жената. Со оваа кампања сакаме да испратиме силна порака од жените од руралните средини за нивната потреба од економско зајакнување во услови на пост-Ковид ситуација. Но, не само тогаш. Ако ние го имаме квалитетот, го имаме домашното производство, ја имаме храната произведена и преработена со рацете на овие жени, па тогаш нели е тоа доволно за да станат ВИДЛИВИ, но во исто време и економски СИЛНИ? Има многу мерки како да се направи тоа, а ние решивме да почнеме од самите себе, односно купуваме, подаруваме, промовираме производи кои што самите жени ги произвеле. Кампањата ќе се случува во периодот од 08 до 12 март 2021 година во сите осум плански региони. На тој начин, традиционалните производи од волна од реканскиот и дебарски крај ќе завршат во Струмица или во источниот дел на државата, а традиционалните росомански слатка, во краевите каде што за прв пат ќе може да ги вкусат надалеку познатите „речели“ или слаткото од диви капини и шумски плодови. Жените едни на други ќе си подаруваат, ама и ќе се запознаваат со традицијата на жените од другите региони“, велат од Рурала Коалиција.

Пошироката јавност се планирало преку постери и флаери да се запознае со традиционалните производи, со резултатите од истражувањето, но и ќе се пренесела пораката дека родовата еднаквост и економска моќ на жената ни е потребна повеќе од било кога претходно.

„Нека ваквата мартовска кампања биде посетник за сите нас дека жените од руралните средини се клучот за одржливоста на руралните средини и дека поддршката на секој од нас за нив е важна. Тоа е и единствениот пат како да се излезе од сенката на невидливоста“, додаваат од Рурална Коалиција.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи