Предизвици во остварувањето на правата на жените-земјоделки

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

ЛАГ АГРО ЛИДЕР восоработка со Агро-Синдикат/Agro-Sindikat денес организираа онлајн средба: Права на жени-земјоделки, каде со учество на претставници на релевантни институции и организации се идентификуваа проблемите со кои се соочуваат жените-земјоделки, како и се споделија можности за овозможување на достоинствена работа, пристап до права и поквалитетен живот за жените-земјоделки.

Земјоделскиот сектор претставува главен двигател на руралната економија, со учество од околу 10% во националниот бруто домашен производ. Во овој сектор работи околу 17% од работната сила во земјава, од кои една третина се жени. Од 171.000 регистрирани семејни земјоделски стопанства, 37.186 се жени-носители на земјоделски стопанства.

Но, сепак жените-земјоделки се уште се соочуваат со низа предизвици како што е НЕправонаплатено боледување, НЕплатено породилно отсуство, НЕпристап до права од социјална заштита , остварување на право на пензија итн.

Живко Даневски од Агро Синдикат кажува дека една ветувачка можност за овозможување на поголеми права за индивидуалните земјоделци е здружувањето во синдикат.

„Земјоделците се најзапоставени работници од кои сите очекуваме многу. Идејата околу тоа индивидуалните земјоделци да се здружат во синдикати, ќе влијае многу за социјалниот дијалог на таа структура на работници со Владата и со ресорното министерство“, рече Даневски.

Можноста за здружување во синдикат исто така беше истакната од Марина Тошеска од ЛАГ АГРО ЛИДЕР која кажува дека ситуацијата во земјата и во руралните општини е навистина загрижувачка, бидејќи се справуваме со предизвици кои влијаат на тоа жената земјоделка и жената од руралните области да не може да си ги оствари и основните права.

„Светот најмногу инвестира во земјоделието и во правата на жените-земјоделки. Кај нас, не само што се потребни финансии, потребна ни е и добра волја од институциите за да можеме да се насочиме барем за основните права. Во 2019 година, нашето министерство потпиша Меморандум за соработка со телото на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените и со тој Меморандум, нашето Министерство за земјоделство се согласи дека континуирано ќе работи да ги подобри и правата и еднаквоста на жената во руралната средина“, рече Тошеска.

Работиме со рурална општина каде што имаме 37 населени места со околу 14 илјади жители, без ниедна градинка, нема дневни центри за згрижување, нема старски домови, нема социјални работници, здравствена заштита и гинеколог се уште потешки прашања.

Можеби е време да ги обединиме индивидуалните земјоделци, да ја разбудиме свеста да бидат повидливи и навистина да се избориме за нивните права“, порача Тошеска.

Даниела Цветаноска од ЛАГ АГРО ЛИДЕР се осврна на родовиот аспекти вакумот кој што постои во законските регулативиза правото на сопственост кај жените, кое како што знаеме во руралните средини е на прилично ниско ниво.

„Законот за делот за наследство регулира начело за рамноправност кадешто се вели дека сите граѓани се еднакви во процесот на наследство. Меѓутоа законот ја предвидува и можноста за исклучување на наследниците во процедурата за наследство во посебни услови, како и отстапување на наследството. Многу често се кажува дека посебно за жените земјоделки, жените во руралните области, сето тоа е дел од традицијата и обичаите, меѓутоа има и законски недоследности. Иако во правната рамка се третираат како еднакви, според законот за наследство може да се исклучи еден наследник, а тоа најчесто е жената, и тука никако не е регулирана таа родова димензија и се остава тој вакум простор којшто ја овозможува таа дискриминација“, рече Цветаноска.

„Жените работат и по 15 часа на ден, немаат право на породилно отсуство, немаат право на користење на патолошка бременост итн. Тука зборуваме и за таа економска независнот, но како може да ја добијат таа економска независност ако и правото на наследство автоматски го немаат“, додаде Цветаноска.

Заклучокот на средбата е дека овозможувањето на пристап до сите права и услуги за квалитетен живот на жените-земјоделки е критична развојна патека за нашата земја да ги постигне своите цели во контекст на намалување на сиромаштијата, економскиот развој и одржливото управување со природните ресурси.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи