Данска на колена: Победничко деби за Лазаров

Facebook
Twitter
Email
Print

 

Македонската ракометна репрезентација забележа голем триумф во квалификациите за Европското првенство следната година, победувајќи го актуелниот светски првак Данска со 33-29 (17-13). „Црвено жолтите“ со победата над Данска го задржаа максималниот ефект по три одиграни мечеви и избија на чело на табелата. Македонија предводена од новиот селектор Кирил Лазаров покажа голема желба за игра, која резултираше со гинење на теренот.

Ракометна Македонија воскресна со феноменален триумф 33-29 (17-13) кој реално, по оној жален настап на Светското првенство во Египет, малку кој го очекуваше.

Дека ќе има македонско славје се виде уште од самиот повеќе од позитивен почеток на македонската репрезентација која во петтата минута имаше предност од 4-2. Одличен во нападот беше Филип Талевски кој реализираше два гола со шут од далечина, на голот две одбрани имаше Митревски.

Македонската селекција дојде до предност од 6-4, а потоа со голот на Манасков и до 7-5. Но, во 15. минута Данците израмнуваат на 7-7. Па, по стартот со помладата бековска тројка, потоа во игра влегува и селекторот Кире Лазаров кој најпрво извонредно асистира за гол на Талевски, а потоа и самиот погодува од девет метри за 9-7.

И во 20. минута, по влегувањето и на Филип Миркуловски кој се врати во македонскиот дрес и како играч и како асистент на селекторот Лазаров, Македонија дојде до најголемата предност до тој момент, три гола разлика, 11-8 со голот на Пешевски. Во следниот напад Митревски дојде до шестата одбрана а на спротивната страна Филип Талевски со прекрасен лоб-удар носи 12-8.

 

 

Одлични потоа и последни минути од првото полувреме во кое, гол низ гол, се стигна до 17-13 на полувремето.

Вториот дел почна во ист стил, по одржувањето на предноста од првото полувреме, македонските ракометари дојдоа во 43. минута и до 23-17 со головите на Лазаров и Манасков, а веќе во следната минута откако феноменалниот на голот Никола Митревски одбрани со два гола во низа Македонија дојде и до неверојатни 25-17.

Данците потоа се врати со три едноподруго погодоци, но сето тоа залудно откако по тајм-аутот на Лазаров повторно одлична игра во нападот и со головите на Манасков од пенал и Филип Кузмановски и Стојанче Стоилов, потоа, до предност и од 28-21 во 48. минута.

Противникот повторно се консолидираше, па во последните седум минути од мечот „црвено-жолтите“ влегоа со предност од само четири гола (28-24). Но одличен во вториот дел Филип Кузмановски кој со петтиот свој гол носи 29-24, а потоа и Стоилов погодува за 30-24.

До крајот само рутински одржување на предноста за конечна победа од 33-29.

 

 

Најефикасни во македонските редови беа Кузмановски, Манасков, Талевски со по пет погодоци. Селекторот Кире Лазаров мечот го заврши со четири погодоци, Филип Миркуловски се врати на најдобар можен начин со три гола, Пешевски постигна исто така три гола, а извонреден на голот беше Никола Митревски со 13 одбрани.

На спротивната страна единствено се издвои Микел Хансен со 11 погодоци, но осамен беше во данскиот тим.

 

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2022 – ГРУПА 7 (3. коло)

МАКЕДОНИЈА – Данска 33-29

Финска – Швајцарија 19-32

ТАБЕЛА: МАКЕДОНИЈА 6 бода, Данска 4, Швајцарија 2, Финска без бодови.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи