ВИДЕО – Ѓорѓиевска : Доколку имам финансиска поддршка би сакала да ги искачам сите 7 сумити во светот

 

Прилепчанката Маријана Ѓорѓиевска на 26-ти февруари се искачи на највисокиот врв во Африка, Килиманџаро, висок 5895 метри, кој се наоѓа во Танзација, во близина на границата со Кенија. За тие што не ја познаваат таа неколку години се занимава со високогорското планинарење. Прв највисок врв на еден континент кој што го освои беше врвот Елбрус, највисокиот врв во Европа, кој се наоѓа на Кавказ во Русија, во 2018 година. Наредната година на 15 февруари се искачи на вториот сумит или највисок врв на еден континент, а тоа е Аконкагва во Аргентина, највисокиот врв во Јужна Америка. И овој е трет сумит кој што го искачува.

 

 

Како дојде до тоа, како дојде идејата и подготовките за искачување на Килиманџаро?

 Идејата, како и на секој планинар, или секој оној кој што сака да достигне определено ниво во планинарењето, како круна на една високогорска активност е искачување на сите 7 сумити, односно највисоките точки на 7-те континенти во светот. Подготовките се одвиваа континуирано, односно немаше некои посебни подготовки за искачување на Килиманџаро, земајќи ја во предвид целокупната ситуација предизвикана од корона вирусот. Не беше сигурно дали воопшто ќе се одржи ова искачување или нема да се одржи, па континуирано јас си ја одржувам кондицијата. Често сум по планините, 2 до 3 пати во текот на неделата одам на планина, возам точак, одам во теретана, значи имам континуирана физичка активност и тоа на еден начин претставуваше подготовка за искачување на Килиманџаро, или на се она што може да излези потоа.

Вие сте ако не се лажам првата прилепчанка која го искачува Килиманџаро и втора жена во Македонија која ги има искачено трите врвови, Елбрус, Килиманџаро и Аконкагва?

Значи за прва прилепчанка сум 100% сигурна дека сум која ги има искачено не само Елбрус и Аконкагва, туку и Килиманџаро. Мислам, да не тврдам со 100% сигурност дека сум втора Македонка која ги има искачено трите сумити, односно 3 највисоки точки на 3 различни континенти.

Дали учествуваа и други Македонци во оваа експедиција на Килиманџаро?

Во последните 5 минути се пријави, за моја среќа, уште еден планинар со кој заедно го искачивме врвот Елбрус и врвот Аконкагва, па така на оваа експедиција бевме двајца Македонци, двајца Срби и уште еден Србин кој ни беше водич. Значи бевме вкупно 5 души од кои четворица за прв се искачивме на врвот на Килиманџаро и водичот.

Има некаква агенција каде се пријавувате сите оние кои сакате да се искачувате на Килиманџаро?

Не, тоа се планинарски клубови кои што организираат тури, односно експедиции. Јас еве неколку години наназад континуирано се искачувам со еден водич, но тоа не значи дека би останала или дека нема да ги проширам моите видици за искачување со други планинарски клубови, или лица кои организираат експедиции, односно планинарски тури.

 

\

 

 

 

 

Колку време траеше целата оваа експедиција на Килиманџаро, односно пристигнувањето, аклиматизацијата, искачувањето?

Целокупното патешествие наречено Африка започна на 21 февруари и заврши речиси на полноќ на 4 март. Значи воглавно тука беа околу 2 недели. Самото искачување на Килиманџаро, односно влезот во националниот парк „Килиманџаро“, ние имавме платено такса за 6 дена. Значи ние за 6 дена треба да влезиме, да стигнеме до таму до каде што имаме зацртано или да успееме и да се вратиме назад, односно да излеземе од националниот парк „Килиманџаро“. Самото искачување почна на 23 февруари во 14 часот, тогаш влеговме во нациналниот парк и имавме од 1.789 метри надморска височина, се искачувавме до првото место каде ќе ноќеваме, а тоа беше „Маранга худс“, на 2.720 метри надморска височина. Наредниот ден бевме затекнати со обилен дожд, бидејќи поминавме една прашума кој се вика „Рејни форест“, каде што често има обилни дождови и не за џабе се вели дека тоа е џунгла, има огромна вегетација, преголемо зеленило, навистина прекрасно нешто да се види и доживее. Наредниот ден одлучивме да тргниме многу рано бидејќи тамошните водичи и познавачи на природата, претпоставуваа дека дождовите идат околу 14-15 часот, па за да ги избегниме тие дождови ние секое утро тргнувавме околу 6:30 – 7 часот на предвиденото искачување за тој ден. Од „Маранга худс“ на 2.720 метри наредниот ден се искачивме до „Хоромбо худс“ на 3.720 метри надморска височина. После неколку часа и меѓусебен договор, бидејќи сите од групата се осеќавме добро, одлучивме да го скратиме денот кој е за аклиматизација и да одиме на кратка аклиматизација до 4.050 метри до едно место кое што се вика „Зебра рок“. „Зебра рок“ преставува една стена која што е со нијанси исто како животното зебра и тоа е една фасцинантна глетка и уште еден доказ дека сепак природата е најголемиот уметник. По околу 2 часа задржување на 4.050 метри се вративме повторно во „Хоромбо худс“, преспијавме и утрото рано повторно тргнавме на пат до 4720 метри надморска височина, на „Кибо“. Тука имавме краток одмор од 5-6 часа и во 23 часот почнаа подготовките за искачување на највисоката точка, односно „Ухуру пик“. Тргнавме на искачување околу полноќ, искачувањето беше континуирано во ноќ, се додека стасавме до една точка која е наречена „Гилмаз поинт“, тоа е од прилика на 200 метри висински од самата највисока точка, а од прилика околу 2 километри до точката која беше наша цел. На таа точка почна да излегува сонцет, односно начекавме изгрејсонце и имавме среќа да уживаме во видиците кои што ни ги пружи Африка. Во самото подножје успеав да го видам градот Моши и цел видик кој го нуди самиот Килиманџаро. Среќа, немавме облаци бидејќи беше ветровито и успеавме да уживаме во таа глетка. Околу 7 часот се најдов на највисоката точка на најголемиот континент во светот, односно „Ухуру пик“.

 

 

 

 

Какво беше чувството да се биде на врвот на Африка?

Три точки досега искачени, со три различни чувства, бидејќи секое искачување си има различна борба во себе и со различна патека. Чувството повторно ќе се повторам од претходните изјави дека е неописливо, бидејќи тоа сепак треба да се доживее, среќен си, си успеал да направиш нешто што си го зацртал. Секоја остварена цел предизвикува возбуда и среќа кај секој човек.

Кога ќе го споредиш Килиманџаро со Аконкагва, Елбрус и останатите врвови кои ги имаш искачено, според тежината каква планина е?

Не за џабе рекле нашите стари, секоја планина си ја има својата тежина. Во споредба со претходните врвови Килиманџаро е можеби малку потежок бидејќи немавме аклиматизација, односно забрзано искачување во алпски стил, што за нас, конкретно би зборувала за мене е тешко бидејќи јас речиси две години не сум била на надморска височина повисока од 3.000 метри, што значи дека моето тело не е прилагодено на тој недостаток на кислород. Доколку би имала поголема аклиматизација, односно подолг временски период за приспособување на организмот, планината како планина не е тешка за искачување. Но сепак тоа брзо искачување што тамошните власти го имаат предвидено, значи задолжително за 6 дена влез и излез од националниот парк и задолжителни носачи, портери, кувари и друга послуга што мора да ја имаш за зацрврстување на економијата на Танзанија, предизвикува овој врв да биде малку поспецифичен. Во периодот кога јас се подготвував за Килиманџаро, нормално читаш да знаеш, да бидеш припремен што да очекуваш, мене ми беше чудно зошто само 40% од лицата кои што се обиделе го искачиле овој врв. Сега ми е јасно зошто е тоа така, заради тој брз временски период на влез и излез од националниот парк.

 

 

 

Како што знаеме се наоѓаме во една пандемија, дали ова искачување се одвиваше под некакви специфични протоколи, услови и дали таа пандемија не те поколеба воопшто на почетокот дали да ја изведеш оваа експедиција?

Оваа експедиција требаше да се одржи во текот на 2020 година, но поради сите работи кои се случија во 2020 година, ја одложивме за 2021 година. Но бев решена дека мора да се случи и нормално истражувавме дали ќе имаме некакви препреки, дали треба ПЦР тест и сето тоа. При самиот транспорт до Африка, односно Танзанија немаше никакви проблеми, буквално можам да речам дека таму луѓето не веруваат во корона и во Танзанија корона не постои, бидејќи никој не носи маски, никој не одржува дистанца, се дезинфицираат. Хигиената за жал во градот Гаруша каде што имав можност да бидам е на едно незадоволително ниво, а бројот на заболени и бројот на починати е сведен на минимум. На враќањето имав определни проблеми, во меѓувреме се случил определен протокол помеѓу Франција и Србија, па ние како Македонци не можевме да преминеме без ПЦР тест, но со ред на формалности со помош на македонската амбасада во Франција успеавме да го надминеме и решиме. Самото искачување немаше определени протоколи.

 

 

Освен Килиманџаро, имаше можност да го видиш и националниот парк, но дали имаше можност да посетиш и некои други делови во Африка и какви се твоите импресии за тој континент и за луѓето таму?

Освен националниот парк Килиманџаро, имавме и 2 дена сафари. Едниот ден беше во националниот парк „Тарингири“ и вториот ден беше во конзерваториум „Горо Горо“. Тоа преставува еден кратер каде го има најголемиот број на растителен и животински свет на метар квадратен. Навистина интересно доживување, сите ние сме биле во зоолошка и сме успеале да видиме животни од најразлични страни во светот, но сосем подруго ќе ги доживееш кога ќе им појдеш дома, во нивното природно светло. Би ја издвоила посетата на племето Масаи, тоа преставува домородно племе. Во самата Танзанија во моментов живеат над 1.100 племиња кои што во моментов не војуваат и живеат во мир. Масаите се едно од племињата кои се уште до ден денес ги имаат задржано начинот на живот, традиции, верувања, обичаи, како што живееле нивните предци тие ги предаваат од колено на колено на младите. Живеат во мали колипки во форма на полжав, на средина имаат едно огниште, а во истата колопка живеат возрасните, децата и младите животни, во случајов во колипката што јас успеав да ја посетам живееја мали телиња. Интересно за доживување, сосем поразлично од сето ова на кое што ние сме навикнати. Самите Масаи ни приредија една претстава, односно ни направија песна за пречек и песна за натпреварување. Интересно во секој случај, препорачливо за секој кој сака да види нешто поразлично, верувам дека е така, да посетибило кој дел од Африка.

 

 

 

Како што и го започнавме ова наше интервју, така сакам и да го завршиме со едно прашање. Ова е трет сумит кој го искачувате. Првиот човек кој ги искачил сите 7 највисоки точки во светот бил Ричард Бас во 1985 година. Дали тоа е и вашата животна цел?

Секој планинар или секој оној кој се занимава со планинарење и високогорство, како што кажав на почетокот, проектот 7 сумити му преставува една круна на сето она што го направил. Да, реално среќна би била доколку успеам јас да влезам во листата на лица кои ги искачиле сите 7 сумити, земајќи во предвид дека бројот на жени во однос на бројот на мажи е и тоа како далеку помал. Но за остварување и реализација на тој проект навистина треба сериозна финансиска поддршка, која јас овие 3 светски сумити ги имам искачено благодарение на самофинансирање и на сите локални фирми, од кои што би ја издвоила Витаминка, која што континуирано ми е поддржувач и спонзор на сите подвизи кои што сум ги правела досега, а исто така морам да се заблагодарам и за скромната поддршка на локалната самоуправа, односно Општина Прилеп. Доколку се појави посериозна финансиска поддршка да, би сакала да ги искачам сите 7 сумити, а ако не во овој случај доколку би пробала сама да се финансирам, да искачам и 4 од сите 7.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи