Што се случи со рускиот спејс-шатл „Буран“?

 

Прочуениот руфер Виталиј Раскалов како авантурист без дозвола го има посетено космодромот Бајконур со своите пријатели од Украина и од Велика Британија. Нивната цел била да направат добри фотографии од советски вселенски брод, но никој од обезбедувањето да не ги забележи. Еве како изгледала нивната необична „мисија“.

 

 

Штом ќе се спомене првиот советски вселенски брод под назив „Буран“ (на руски „снежна бура“), човек си помислува на тоа колку амбициозни биле плановите на СССР кога станува збор за истражувањето на вселената. Буран бил одговор на Русија на спејс-шатлот на агенцијата НАСА. Овој вселенски брод на 15 ноември 1988 година двапати ја обиколил Земјата без пилот и се спуштил на Бајконур во Казахстан. Бродот може да се користи за повеќе летови, тала што од него многу се очекувало. Но, Буран никогаш повеќе не полета. Овој најголем и најскап советски проект поврзан со вселенските истражувања е затворен во 1993 година.

 

 

Воените аналитичари за списанието „New Scientist“ изјавија дека Буран немал никаква цивилна намена и дека бил наменет исклучиво за поставување оружје во вселената. Тие тврдат дека Советскиот Сојуз можеби бил заинтересиран и за поставување нуклеарно оружје.

 

 

„Тој е многу голем… Во реалност тој е многу поголем одошто може да се замисли врз основа на фотографии, Тоа бил амбициозен и интересен проект“, вели руферот и фотограф Виталиј Раскалов кој го посетил космодромот Бајконур кон средината на мај 2017 година. Тој е еден од малкутемина кој успеал да го направи тоа без дозвола. На јавноста не ѝ е дозволена посета на космодромот и детално разгледување на историскиот вселенски брод. Бајконур го има зачувано статусот на затворен град од советското време. „Можете да купите билет за воз од Москва, но само доколку имате пропусница. Ние немавме“, вели Раскалов.

 

 

Рускиот руфер со уште четворица колеги од Велика Британија и двајца од Украина избрал алтернативна маршрута. „На Интернет најдовме информации од луѓе кои работат таму и од туристи слични на нас“, вели Раскалов. „На пример, од еден бајкер кој случајно со мотоцикл пришол на космодромот. Го фатиле, но ништо не му станало. Зашто… Што може да направи полицијата?“

 

 

Групата со авион стасала во Алма Ата, а потоа на воз до Кизилорд, оттаму со такси стасала на местото. „Ништо необично! Ова е Казахстан… Луѓето се возат со такси од еден до друг град. Му рековме на таксистот дека сме фотографи и оти сакаме да сликаме ѕвезди“, вели Раскалов. „Нè остави насреде степата“. Сепак нагласи дека зоната на космодромот е добро чувана. „Секако, Бајконур е заштитен, а ние не знаевме каде точно се наоѓаат луѓето од обезбедувањето. Не можете да замислите колку е голема таа територија. Тоа е колку Москва во третиот прстен. Како може целосно да се заштити толкава територија? Тоа е мошне тешко да се изведе“.

 

 

Нашите „јунаци“ го користеле истиот пат како и бајкерот. Пешачеле две ноќи. „Имав шест литри вода, малку храна и вреќа за спиење. И ништо повеќе. Наидевме на уништен лансер за интерконтинентални ракети. Имаше огромна јама во земјата“, вели Расколов. „Со оглед дека програмата Буран е затворена мислевме дека властите ја забетонирале јамата, но не, тоа е мошне скапо. Едноставно го кренале сиот тој простор во воздух! Тоа се случи откако Русија го потпиша договорот за намалување на стратешкото вооружување (СТАРТ-1).

 

 

Хангарот во кој се сместени вселенските бродови Буран е оддалечен триесетина километри од поранешниот лансер. Се наоѓа на територијата на космодромот, каде патиштата се прилично добри и се сè уште во функција. Таму има систем на обезбедување со патроли. „Во раните утрински часови наидовме на група Руси“, вели Раскалов. И тие дошле со истата цел – да направат добри фотографии. Но, во хангарот имаше и човек од обезбедувањето. Успеав да се скријам, но луѓето од мојата група немаа среќа. Следната вечер ме фатија и мене“.

 

 

Го прашавме Виталиј што се случило со странците. „Нив ги сослушаа и детално ги претресоа агенти на Федералната служба за безбедност“, ни рече Раскалов. „Тоа траеше околу 12 часа. На крајот агентите се уверија дека странците не се ниту терористи, ниту шпиони, па ги пуштија. За мене мислам дека сфатија дека сум од истата група, па решија да не губат време со мене.

 

 

„Инаку, мене речиси никогаш никој ме нема фатено. Бајконур е еден од ретките такви случаи“, вели Виталиј Раскалов. „Без оглед дали акцијата е легална или нелегална, јас никогаш не барам дозвола. Ако никој не ме запре, тогаш сè е во ред. Главна цел ми е да направам добра фотографија. Не би рекол дека правам нешто ризично. Многу поризично е да се возиш на мотоцикл во Москва!“

ИЗВОР : mk.rbth.com

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи