Дезинфекција во градинка во присуство на деца – родителите реагираат, надлежните се правдаат

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

 

 

Дезинфекцијата на холот на објектот „Росица“ на  детската градинка „Јасна Ристеска“ во Охрид, се врши во присуство на деца, додека тие си играат. Тоа може да се види од фотографија, која граѓани и родители ја споделуваат и на социјалните мрежи. Родителите со остра реакција, коментираат и бараат одговорност.

Директорката на градинката, Мери Рилкова вели дека, целиот процес на дезинфекција бил направен според сите протоколи и дека не треба да се крева паника.

„Децата во тој период во сите објекти беа изнесени. Ако постоеше можности во дворовите, ако не во поголемите холови. Се добива впечаток кога ќе се види фотографијата, дека се прави дезинфекција, додека децата се присутни. Всушност се работеше за изнесување на децата од занималната во холот,за во тој момент да се изврши дезинфекција во занималните. Не е точно дека децата биле присутни. И во сите објекти децата не се присутни кога се врши дезинфекција, излегуваат“, вели Рилкова.

Рилкова вели дека ова била вонредна дезинфекција, поради зголемениот број на заболени од Ковид 19 во Охрид.

„Дезинфекцијата се вршеше според сите протоколи, како што се врши дезинфекција од Центар за јавно здравје, со средство кое се употребува и кај нас во објектите. Станува збор за  средство, кое е биолошко разградливо и го употребуваме сите секојдневно во градинките. Не треба да има паника кај родителите, бидејќи ова средство е сигурно и ние го употребуваме по протоколи секојдневно, според нормативите кои се дозволени“, кажува директорката Рилкова.

Од Општина Охрид велат дека дезинфекцијата била спроведена по сите предвидени протоколи.

„Дечињата и вработените во групи, биле отстранети од занималните и додека траела дезинфекцијата престојувале во холовите и големите простории на градинката. Фотографијата која била објавена на социјалните мрежи е направена во време кога една од групите заедно со воспитниот тим се подготвува да ја напушти занималната пред вршење на дезинфекцијата“, велат од општина Охрид.

Додаваат дека е важно да се нагласи дека дезинфекцијата се вршела со средство, кое според декларацијата на производителот не било штетно за човековата околина, здравјето и е целосно биолошки разградливо.

„За конкретниот случај со фотографијата се произнесе и Центарот за јавно здравје кој потенцираше дека не е направен пропуст во конкретната ситуација поради тоа што станува збор за прскање со средство кое не е биолошки штетно, т.е. со него може да се прска и во близина на инкубатори. Ова средство во градинката се употребува секојдневно, за редовна дезинфекција на обувките, просториите, приборот за храна, играчките и останатите површини“, велат од општината.

Родителите кои ги носат своите деца во градинката велат дека дезинфекцијата не смее да се прави за време на работното време бидејќи се работи за мали деца.

„Ова не се прави деца кога ќе се во градинка. Ова се прави кога ќе е празна градинката, по завршување на работното време. И за ова некој мора да сноси одговорност,бидејќи се работи за мали деца“, реагираат вознемирени родители.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи