Македонија се вклучува во акцијата Часот на планетата Земја – Исклучи ги светилките

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

 

 

Милиони луѓе ширум светот виртуелно ќе се обединат во испраќање на заедничка порака за спас на планетата Земја во склоп на глобалната еколошка акција „Часот на планетата Земја“.  Оваа година, „Часот на планетата Земја“ ќе се одржи на 27 март (сабота), кога во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 8.000 града во преку 180 држави ширум светот, а меѓу нив дел е Македонија.

Глобалните истражувања покажуваат на тоа дека светот не успеал да ги исполни целите за зачувување на биодиверзитетот во 2020 година, и тоа се случува веќе 10 години по ред. Часот на планетата Земја како еколошка акција е клучна можност за поединците, невладините организации, бизнисите и сите други да ги повикаат светските лидери да го стават фокусот на зачувување на природата, како најважната алка за опстанокот на животот на Земјата.

„2021 година е клучна година за човештвото. Додека светот се обидува да се опорави од пустошот на пандемијата со КОВИД-19 и да се изгради повторно, треба да ја ставиме природата во центарот на нашите напори за обновување за да ја осигураме нашата иднина на оваа планета. Часот на планетата Земја е критичен момент за поединците, лидерите и еколозите да се обединат и да повикаат на итни мерки за да се врати загубата на природата и да се обезбеди природен позитивен свет до 2030 година“,  вели Марко Ламбертини, генерален директор на Светскиот фонд за природа (WWF).

Нашата земја 12 години по ред зема активно учество во еколошката акција за спас на Земјата, обединувајќи стотици илјади луѓе ширум државата во едночасовниот глобален мрак.

Официјално беше објавен и рекламниот спот, во кој поддршка дадоа Црвениот крст на РСМ и Здружението на извидници на Македонија, како и голем број на познати личности, меѓу кои актерот Васил Зафирчев, зоологот Војо Иванов и водителите Ване Марковски и Јана Серафимова.

Ѓорги Селков од локалната канцеларија на акцијата во Македонија, вели дека поради пандемијата, оваа година настанот ќе се одбележи виртуелно и повикува акцијата да ја префрлиме од улиците во нашите домови, со тоа што ќе ги исклучиме непотребните светилки во период од еден час.

„Полицискиот час во Македонија започна со одбележувањето на Часот на планетата Земја минатата година, и еве една година потоа, ние се уште сме во ситуација виртуелно да ги одбележуваме ваквите иницијативи. Работиме на уникатен онлајн настан, дигитална конференција за климатските промени, за која повеќе детали ќе објавиме во деновите кои следуваат. Секако, останува моментот на едночасовно исклучување на осветлувањето, па така во мрак ќе потонат повеќе локации во нашата земја, секако доколку не се зголемат или продолжат превентивните мерки против пандемијата со КОВИД-19 до 27 март. Повикот за акција важи и за граѓаните, па ги повикуваме масовно да го исклучат непотребното осветлување и во своите домови.“ – вели Селков.

Започнувајќи како симболичен настан во Сиднеј во далечната 2007 година, Часот на планетата Земја сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи