ВИДЕО – Останува неизвесноста околу неисплатените ковид бонуси на дел од прилепските здравствени работници

 

Додека бројот на новозараразени прилепчани секојдневно драматично се зголемува, дел од прилепските здравствени работници кои во континуитет имаат директен контакт со позитивните Ковид-пациенти, се уште чекаат на исплатата на ветените бонуси, а кои доцнат веќе трет месец. Помеѓу нив се вработените во Лабораторијата при Здравствениот дом, потоа од Одделението за трансфузиологија во Болницата, а има и четворица лекари-специјализанти и една медицинска сестра од Службата за итна помош, но и друг технички персонал. Откако овие луѓе, пред дваесетина дена јавно проговорија за овој проблем, барајќи конкретни решенија од Владата и од МЗ, Владата,  конечно, на својата 51-ва  седница, одржана на 9-ти месецов, одлучила, овие задоцнети средства да им ги исплати со реструктуирање на планот за користење на заемот од Светската банка, чија вкупна вредност изнесува 90 милиони евра, но притоа без да се прецизира кога ќе започне исплатата.

 

 

 „Со реструктуирањето на планот за користење на овој заем ќе се обезбедат средства за финасиска награда за здравствените работници за зголемен обем на работа во борбата со Ковид-19, во висина од 7,7 милиони евра за исплата на планираниот бонус за период од девет месеци, односно од април до декември 2020 година. Дел од средствата ќе бидат пренаменети за набавка на опрема на регионалните здравствени центри, како и за финансирање на набавка на вакцини“, стои во одлуката на Владата.

Освен здравствените работници, исплата на бонус очекуваат и дел од техничкиот персонал, на кои, уште на почетокот на пандемијата, исто така им било ветено дека ќе бидат наградени. Но, сега, тие се жалат дека биле заборавени.

„Ми беше ветена и некоја награда таму, поѓомити…Не се знае ни колку, ни што..Скоро година дена откако почна Ковидот, стојам на врата, обезбедување, значи, со скафандери бев црло време во почеткот, меѓутоа сега, еве се поолабави, така што…од наградата ништо нема..беше ветено некоја награда ќе добијате, меѓутоа ништо не добивме“, ни изјави Киро Мирчески, обезбедувач во Здравствениот дом.

По однос на овие побарувања, директорката на Здравствениот дом, Оливера Аџиоска, тогаш се оправда дека се’ било во склад со упатствата добиени од Министерството за здравство, односно дека овие луѓе биле опфатени со вториот допис до МЗ, бидејќи во првиот влегле само лекарските тимови од Службата за итна помош и како што рече, тоа важело за сите здравствени домови во земјава. Аџиоска, тогаш немаше конкретна информација кога оваа група здравствени работници ќе го добијат ветениот бонус.

Инаку, најгласни во овие побараувања беа 14 – те лаборанти од Биохемиската лабораторија при Здравствениот дом од Прилеп, а кои во континуитет, директно се инволвирани во испитувањето, дијагностиката и терапијата на Ковид-пациентите. Тие велат дека секојдневно прават по 40 тестови и најчесто 90 проценти од нив биле позитивни. Исто така, половината од нив веќе биле и самите заразени со вирусот. Бонусот, кој што треба да го добијат, а на кој чекаат веќе трет месец е во висина од 30.000 денари.

 

Автор : Каролина Дурло

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи