Дали стекнувањето на право на државјанство во нашата држава е возможно?

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

 

Одолговлекувањето на постапките по поднесени барања за прием во државјанство е тема на дискусија по неколку евидентирани случаи во текот на нашата работа. Иако станува збор за барања од страна на граѓани со регулиран престој и кои ги исполниле сите законски предвидени услови, во пракса за одговор од надлежните институции се чека по неколку години.

Државјанство со природување може да стекне странец кој лично поднел барање за прием во државјанство на Република Северна Македонија, ако исполнува одредени услови согласно Законот за државјанство. Сепак во пракса и по исполнување на условите, голем број граѓани (кои најчесто се во брак со државјанин на нашата држава, тука живеат и имаат семејство и деца) не се стекнуваат со државјанство поради неразумни и неоправдани одолговлекувања од страна на надлежните органи. Имено, иако во Законот за државјанство не е уреден рокот во кој надлежниот орган (во состав на Министерството за внатрешни работи) е должен да одлучи по барањето, тоа не значи дека таков рок не постои. За се што не е уредено со овој посебен закон, се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка, а тој вели дека органот на државната управа е должен да донесе одлука по барање на граѓанинот во рок од 30 дена од поднесувањето на барањето. Во пракса, овие 30 дена, се претвораат во години.

Пример за тоа се евидентираните случаи во изминатиот период, особено лицата од руралните средини и семејствата во социјален ризик поради неразумното одолговлекување на постапките од страна на надлежните и одлагањето на носење одлука по поднесени барања. Ваквата пракса сериозно влијае на квалитетот на живот на лицата кои се подносители, како и на нивните деца поради немање на државјанство на родителот за што имаат ограничени права и тоа е на штета на најранливите граѓани кои остануваат без уживање на основните социјални и економски права.

Државјанството честопати се смета како „право да се има права“, а истовремено на луѓето им дава чувство на идентитет, но уште поважно државјанството им овозможува да користат најразлични права. Тоа значи можност да се има пристап до основните човекови права, загарантирани со позитивните законски прописи, а лицата кои немаат државјанство, немаат пристап до тие права.

Како здружение кое работи на унапредување на правата на граѓаните од маргинализирани заедници, особено лицата од руралните средини и семејства во социјален ризик за ваквата состојба изразивме загриженост до Министерството за внатрешни работи и надлежните органи во состав со доставување на писмена ургенција, за што се надеваме дека ќе следи и соодветна реакција за надминување на проблемот, со цел истиот да не стане редовна пракса на штета на најранливите граѓани.

 

Автор : Станица П.Е.Т.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи