90 години од раѓањето на Анте Поповски – таткото на речта

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

 

 

Чествување на големиот македонски поет Анте Поповски денеска на пладне се одржа во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје. Чествувањето се одржа во спомен-собата на Миладиновци, согласно пропишаните мерки за одржување културни настани.

По повод 90 години од неговото раѓање, беседа за творештвото на Поповски одржа проф. д-р Кристина Николовска, а стихови од неговата поезија рецитираше актерката Јована Спасиќ.

„Оти ќе не поучи таткото на речта, песната во нејзиното основно битие е завет, песната е преобразено битие на нејзиниот автор кој самиот себе си се осмислува во завет, така и ние сме песна Антева, и ние сме прозбор чудесен се додека така сами себе си глаголиме, оти за нас само за нас семето негово по збор и сонцето сосема се спушти и буквите излегоа, Исус се симна од крстот за да те побараат, а ти како овенато јаболко заборавено на полица, како осамен монах во пештера, само си молчиш и сам себе си глаголиш некоја црна глаголица и не остави во кобната 2003 кога како татко кој откако тој засекогаш излезе од неговата куќа веднаш по него и куќата отпатува со него, темелите, столбовите, скалите, покривот тргнаа по неговите траги и исчезнаа, куќата беше составена од неговиот глас како што и куќата Македонија  го содржеше  и се уште го содржи неговиот, глас но и гласот на сите поети, писатели уметници, и чудотворци кои ја правеа и чуваа да биде дом, да биде градба каде јазикот, речта, словото, зборот се нејзиниот највисок штит и не беше осамен и не е осамен големиот поет и филозоф Анте, еден од столбовите на современата македонска мисла. И паметам крикнав гласно во далечната 2005, каде после последната поезија на Анте и сега прашувам низ крик каде после нашето живеење по поезијата на Анте, откако замина Анте, оти не е тој тука, замина“, истакна Николовска.

Анте Поповски беше поет, есеист, препејувач, публицист. Роден е на 3 јуни 1931 година во село Лазарополе, а почина на 1 октомври 2003 година во Скопје. Завршил Медицински факултет во Скопје. Бил член на Извршниот совет на СР Македонија, директор на весникот „Нова Македонија“ и на „Вардар филм“, потпретседател на републичката комисија за културни врски со странство (во СРМ), претседател на Друштвото на писателите на Македонија (два мандата), претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата (два мандата). Член на МАНУ. Член на Македонскиот ПЕН центар.

Автор е на 15 поетски книги. Неговата поезија е преведена на многу светски јазици и е добитник на наградите-„Браќа Миладиновци“, „11 Октомври“, „Кочо Рацин“, „Ацо Шопов“, „Гоцевата повелба“ и на меѓународната награда “Premio Europa”.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи