Училишен Парламент – лидер во организирањето на младите и учениците во нашиот град

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

 

 

Училишниот Парламент во С.О.У Гимназија ,,Мирче Ацев”  во Прилеп е легитимно тело, кое функционира на демократски начин, врз постулатите за организација во модерното општество. Училишниот Парламент претставува орагнизација на учениците и за учениците, која има за цел застапување на нивните ставовови, во и надвор од самото училиште.

Самиот Училишен Парламент го добива својот легитимитет врз основа на гласање кое секоја година се врши во нашето училиште каде се избира Раководното тело на Училишниот Парламент, и со исто гласање се избираат и членовите на Генералното Собрание на Парламентот. Вршењето на избор се прави првенствено на ниво на клас, каде од страна на учениците во сите класови се бира со гласање за Претседател на класот кој претходно се кандидира со пополнување на пријава и мотивационо писмо, додека после тој избор, избраните Претседатели го гласаат на конститутивна седница на Генералното Собрание претседателот на Училишниот Парламент и членовите на Раководното тело, кои исто така се кандидираат со пополнување на пријава, мотивационо писмо и предлог програма односно акциски план за нивната работа во текот на нивниот мандат.

Гимназијата е едно од првите училишта во Македонија кое има свое институционално организирање на учениците уште од отварањето на училиштето во 1944 година, каде од почетокот па се до 2018 година функционираше Младинската Организација, која во 2018 година го смени своето име во Училишен Парламент се со цел воведување на нова форма на организирање на учениците, задржувајќи ја генезата иста.

Ние како Училишен Парламент го носиме мислењето на младите, го поддржуваме и истото го промовираме. Целта на нашето работење априори претставува соработка помеѓу учениците, соработка помеѓу учениците и професорите и соработка помеѓу институцијата Училишен Парламент и други институции.

Годишно, Училишниот Парламент остварува околу дваесет настани, кои се определени во одреден временски период, со напомена дека настаните се организираат од страна на Раководното тело, но и од трите сектори кои функционираат во склоп на Училишниот Парламент, а тоа се: Спортскиот, Хуманитарниот и Секторот за настани со култура. Преку овој систем на организација ние имаме континуитет на вклучување на нашите ученици во разни настани, преку кои можат да стекнат искуство и пријателства, да го помешаат задоволството и работата, а притоа и да се поврзат со нивните соученици.

Активизмот во нашата организација е застапен на највисоко ниво, се трудиме да ги застапуваме сите мислења на нашите ученици преку организирање на секакви работилници, трибини, дебати, и акции. Битно е да се напомене дека Училишниот Парламент при С.О.У Гимназија ,,Мирче Ацев” Прилеп беше прв кој ја започна герила акцијата за чист воздух во Прилеп уште во текот на 2019 година и прв организираше јавна трибина за случајот „Јавна соба“  каде учество зедоа претставници од МВР, Универзитетски професори, психолози и ученици искажувајќи го своето мислење. Воедно нашата организација е единствена организација на млади која во континуитет организира спортски настани, односно натпревари во кошарка, одбојка, пинг понг, велосипедски трки, натпревари во фудбал и др.

Притоа, битно да се истакне е и организирањето на хуманитарни настани, настани во кои се спасуваат човечки животи преку донации во нашето училиште.

Исто така ние сме лидер и во организирањето на настани од културен карактер како што се ораторски вечери, трибини за мајчиниот јазик, театарски претстави,натпревари во проза и поезија, ликовни вечери и др.

Училишниот Парламент во нашето училиште е симбол на младите и полека станува и симбол на младите во нашиот град. Сето ова се остварува преку постојана работа на учениците, заедно со директорот и дел од професорите, каде меѓусебно се пружа несебична поддршка и толеранција.

Претставува задоволство за секој ученик во нашето училиште да каже дека е дел од оваа организација, а специјално е чувството да се биде лидер на истата.

Автор: Марио Велковски, Претседател на Училишен Парламент при С.О.У Гимназија „Мирче Ацев”- Прилеп

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи