ИН МЕМОРИАМ – Голем и сестран уметник, визионер и пред се човек со огромно срце – Ристо Тошески

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

 

Интервју со професорот по физичко воспитување, голем и сестран уметник, визионер и пред се човек со огромно срце – Ристо Тошески. Најголема тема во неговите дела беше Македонија и секојдневното живеење. Замина прерано, почина ненадејно вчера, од Ковид 19. Во 2016-та година го правев последното интервју со него за една телевизија за која работев тогаш. Во негова чест сакам да го реобјавам. Погледнете ги неговите уметнички дострели, но и неговите размислувања и ставови кои исто како и тогаш се актуелни и денес. Нека ти е вечна слава голем човеку, сега ќе твориш со ангелите кои и ги црташе!

 

 

„МАКЕДОНЦИТЕ СЕ НАВИСТИНА ТАЖЕН НАРОД, АЛЧНОСТА И СЕБИЧНОСТА НЕ УНИШТИ“

 

Ристо Тошески од Прилеп, доста интересен и сестран уметник кој твори дела во скоро сите можни техники : сликарство, резба во дрво, камен или бакар. Потоа изработува мозаици, а гради и огромни дела ѕидани со камен. Вели дека никој не го учел туку дека сите техники ги знае и без да ги проучува. Незнае од каде му се сите овие негови дарби. Најголема тема во неговите дела е Македонија и секојдневното живеење. Во 2016 година го посетивме Тошески во неговиот подрум, кој го претворил во еден доста интересен простор и од него создал своевидно атеље каде ги изнесува сите свои мисли, идеи и пораки. Со него поразговаравме за повеќе теми од уметноста и нашето секојдневие.

Г-дине Тошески се наоѓаме во еден навистина интересен простор, колку време ви требаше да го направите сето ова ?

Ова што го гледате е работено над 25 години и собирани се најразлични елементи за овие дела. Сакав да ја претставам приказната за Македонија, нејзиното минато, сегашност и иднина. Во оваа приказна вградени се и доста стари предмети кои ги собирав по различни места, предмети коии сега и воопшто не се употребуваат. Мислам дека донекаде стигнав и дека доколку ми дозволи времето и ќе ја завршам оваа приказна. Еве позади нас се наоѓа една камена врата на ѕидот, таа е „Вратата на Европа“. На неа имам поставено брави, ѕвончиња, ние упорно тропаме, ѕвониме, сакаме да влезиме, но таа врата не се отвора.

 

 

 

 

Зошто мислите дека таа „Врата на Европа“, никогаш нема да се отвори за нас ?  

Затоа што прво Европа ќе се растури, па нас ќе не примат, ние секогаш доцниме : )))).

На ѕидот има и рогови, што претставуваат тие ?

 Тоа се дека разни „главучи“ се обидуваат да ја отворат вратата, ама тешко и со рогови не се отвора.

 

 

Веднаш над нас, на таванот, се наоѓа една доста интересна композија каде во резба е претставен ликот на Гоце Делчев, во вид на едно јаболко, што е тоа ?

Тоа е Македонија, делбата на Македонија, раздорот после Крсте Петков Мисирков, го работев тоа дела додека студирав пред околу 25 години. Го работев делото во студентскиот дом „Медицинар“, учевме тогаш заедно Срби, Хрвати и започнуваа да се мешаат политиките во нашите жиивоти и секој потоа си тргнуваше на својата национална страна. И тоа ме инспирираше да го направам ова дело кое е поврзано и со минатото, но и со иднината.

 

 

„СИТЕ САКААТ ДА ЗАМИНАТ ОД МАКЕДОНИЈА ЗА ДА СЕ СПАСАТ“

 

 Веднаш до Гоце Делчев има мозаик кој го претставува „Тешкото“ и еден човек со крилја ?

„Тешкото“ е симбол на печалбарството во Македонија. На играчот му имам поставено крилја, бидејќчи секој сега сака да замине од Македонија, да летне. Под крилјата на играчот имам по една машка и женска фигура од по страните. Сега и машкото и женското се посебна приказна, секој заминува за сам да се спаси. Порано печалбарството било мажот ќе замине и ќе праќа тука пари, а сега комплетно како нација се пустиме бидејќи сега и машките и женските заминуваат, никој не останува тука, сите сакаат да се спасат. Ова е единствен тавански мозаик залепен на таван во Македонија, немам друг ваков видено. Околу него е поставена нашата азбука, дека сме земја со традиција и длабоки корени.

 

 

 

Работите и мозаици, сега работите на едно такво дело каде е претставена една баба и штрк, што значи тоа ?  

 Мозаикот се вика „Баба без внучиња“ или „Сонот на една баба“. Јас како професор додека работев по околните села бев сведок на нивното пустење и кога ќе влегувавме во старите куќи се беше разурнато и така оставено. Тоа ми остави силен впечаток. Кога старите луѓе ќе видеа млади луѓе се радуваа како деца, и тоа ме инспирираше да го направам ова дело. Во мозаикот штркот на бабата и носи бебе. Нажалост оваа приказна почна да се повторува и тука во градовите и изгледа сонот и на селските и на градските баби ќе остане ист.

 

 

„АЛЧНОСТА ГО УНИШТИ МАКЕДОНЕЦОТ“

 

Кога ја гледаме целата оваа приказна, Европа која не не пушта, Македонија која се парчи, луѓе кои заминуваат во туѓина, села и градови без пород, тоа изгледа навистина тажно ?

 Приказната е навистина тажна, јас на оваа тема зборував преку 20 години. Оваа приказна се должи на големата алчност. Ваква алчност не е демонстрирана никаде, да се уништи сопствениот народ за да бидеш богат. Еве низ градов гледаме 10 куќи кои имаат се и сешто. Но зошто, и тие немаат со кого да излезат, со кого да се дружат, која е поентата на алчноста, ако само 5 мина се среќни во цел град. Народот е навистина експлоатиран работи за 6.000 или 8.000 денари плата, и народот си оди. Ние сме прекрасен народ, со традиција, со историја, уметност, фолклор, лулка на многу работи, но алчноста ќе не уништи.

Од каде ги наоѓате овие елементи кои ги вградувате во делата и што е баша најголема инспирација ?

Материјалите ги наоѓам насекаде, изгледам можеби смешно малку, постојано наоѓам некои метали, дрва, какмења кои ги носам дела и ги употребувам и комбинирам за моите творби. Инспирација ми е секојдневниот живот, државата, луѓето… Нон стоп работам на едно 5-6 дела и не се знае кога ќе завршам, започнувам едно дело, потоа добивам идеја за друго, па започнувам со него, иако првото не е завршено… Користам најразлични техники, кои никој не ме учел. Едноставно сите техники ги знам, кога ќе седнам да работам знам се. Можеби тоа од некој друг живот незнам : ))))).

 

 

 

 

Еве тука имаме едно доста интересно дело изработено во бакар. Тоа е најголемата лонгплејка или првиот албум на групата „Леб и сол“ изработена досега ?

Да, тоа е најголемата лонгплејка сигурно во светот направена. „Леб и сол“ беа атракција во тоа време во Југославија кога јас бев дете. Тие убаво не претставуваа не афирмираа како Македонци, и затоа направив едно вакво дело на албумот „Ручни рад“. Делото е доказ дека ние како нација постојано твориме некој музика и создаваме дела кои остануваат запаметени.

 

 

„ЛУЃЕТО НЕ САКААТ ЕКСПЕРИМЕНТИ, САКААТ ДА ГЛЕДААТ ВЕЌЕ ВИДЕНО“

 

Дали ги продавате овие дела или си ги чувате само за себе ?

Јас цел живот го поминав во експериментирање. Сум продал мал дел, но моите дела се разликуваат од другите видови на уметност. Луѓето сакаат да видат нешто веќе видено, а не нешто ново. И во резбата не сум ист како другите резбари, ако јас го потрошам времето да имитирам други тогаш не сум ја постигнал мојата животна цел. Можеби некогаш на некого ќе му се доапаѓат моите дела незнам.

Дали досега имате направено изложби ?

Имам досега три самостојни изложби, член сум на Сојузот на копаничари на Македонија, исто така и на Друштвото на уметници од Прилеп. Сум учествувал и во над 50-тина групни изложби.

Дали има некое дело кое го работите, не е завршено, а е вашиот животен сон ?

 Имам три големи работи. Прво е ова катче каде што сме сега сакам да го завршам. Потоа црквата Света Злата Мегленска која исто така ја градам пред мојот дом во паркот на улица „Петта прилепска“. Ова се големи дела кои не се прават лесно, затоа што и самата нивна изработка е приказна. Пример во црквата имам вградено камења од Колорадо, Италиуја, Бугарија, Турција, Грција и други држави. Луѓе кои си заминале, а сакаат да бидат дел од ова носат камења од разни земји.

 

 

 

Дали еден ден тој простор што е пред вашиот дом и ова внатре би го уредиле како една постојано поставка, како еден мал музеј ?

Трудот е вложен, но треба за се голема материјална поддршка. А за жал кај нас никој не поддржува ништо и се оди тешко. Бизнисмените кои имаат пари, за жал не поддржуваат уметност. Кај нас нема засега никој Медичи или Романови.

 

„ДА СЕ НАДЕВАМЕ ДЕКА ПРИКАЗНАТА ЗА МАКЕДОНИЈА ЌЕ ИМА СРЕЌЕН КРАЈ“

 

Да се надеваме дека ќе имаме подобро утре, и дека целата оваа тажна приказна која ја имате претставено во вашите дела за Македонија, дека еден ден ќе биде само приказна, а не реалност ?

Јас се надевам дека тоа ќе биде така, се надевам дека деќа кај нас ќе има повеќе народ, деца, верба. Ако тоа го изгубиме ќе изгубиме се. Засега сме многу тажен, алчен и себичен народ.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Нови атрактивни профили за учебната 2021/2022 во СОУ „Ристе Ристески-Ричко“

Play Video

Профили за уписи во I ( прва ) година во СОУ „Орде Чопела“ - Прилеп

Play Video