Сталиновиот двојник е сѐ уште жив, денес има 100 години – погледнете како изгледа

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

„Водачот на народот“ често го заменувал 24-годишниот Дагестанец, и тоа толку добро што никој никогаш не се посомневал. Сталин имал веќе три двојника во моментов кога Феликс Дадаев, момче од дагестанско село, стана официјален двојник на водачот. На идејата да се пронајдат „дублери“ дошол генерал Николај Васик уште во текот на дваесеттите години, додека бил на чело на специјалното обезбедување на Кремљ. Во таа служба се сметало дека не е безбедно Сталин лично да се појавува на митинзите пред работниците, со оглед на тоа дека имал многу непријатели.

 

 

Излезе дека е навистина така. Првиот двојник, извесен Рашидов од Кавказ, загина кога експлодираше подметната мина додека автомобилот на „Сталин“ со свитата минуваше на Црвениот плоштад. Дадаев имаше повеќе среќа. Прво, тој молчеше цели 55 години, не кажувајќи им ни на членовите на своето семејство дека е двојник на Сталин. Второ, тој е сѐ уште жив и наполни сто години!

 

ПРОГЛАСЕН ЗА МРТОВ

 

Дадев е роден во 1920 година во селото Кази-Кумух, високо во планините на Дагестан. Како момче бил овчар и се интересирал за јувелирство. Покрај тоа, негова голема страст бил танецот. Кога се преселил во градот Грозни земал часови по танц, а кога потоа со семејството се преселил во Украина бил ангажиран во државниот ансамбл.

 

 

Дваесетгодишниот Дагестанец тогаш оставил голем впечаток на многумина. Танцувал, жонглирал, покажувал трикови, знаел добро да глуми и, што е најинтересно, личел на Сталин.

 

„Кога бев млад неверојатно личев на водачот на сите времиња и народи, толку многу што во селото често ме задеваа и ме нарекуваа Сосо (Јосиф на грузиски). Јас се правев дека се лутам, но во длабочината на душата се гордеев што личам на големиот татко на народот“, раскажува Дадаев.

 

Кога започна војната Дадаев беше испратен на фронт во концертната бригада за да им го крева моралот на војниците. Брзо се прочу, така што за него дознаа и генералите. А, кога во една битка беше сериозно ранет прогласен за мртов за него се заинтересира и НКВД (Народниот комесаријат за внатрешни работи). „Во болницата донесоа седум трупа, но излезе дека двајца се уште живи! Еден од тие двајца бев јас“. Грешката, меѓутоа, е доцна откриена, зашто болницата веќе му имаше испратено вест за смртта, така што неговите блиски по војната мислеле дека загинал на фронтот.

Ова „исчезнување“ им одговарало на чекистите. По еден настап во 1943 година на Дадаев му пришле луѓе облечени во цивилно и тајно го одвеле во Москва. Го сместиле во една викендичка надвор од градот, убаво го нахраниле и му објасниле што се очекува од него. За почеток, наместо Сталин се појавувал на определено место за да привлече внимание. На пример, да излезе од Кремљ и да седне во кола.

 

ПРЕПРАВАЊЕ

 

 

„Јас во секој поглед изгледав како Сосо! Имав иста висина, имав ист гласа и ист облик на носот. Само ушите ми ги преправија да бидат како на водачот. Но, тоа не беше тешко – само се налепуваше додаток од гутаперка со боја на кожа. Така што ушната школка да биде подлабока. Потоа се додаваа разни нерманини, а лепените места се замачкуваа со пудра и ушите на другарот Сталин се готови“, се сеќава Феликс Дадаев.

 

Морал да се здебели 11 килограми за да биде сличен и во тоа, и вештачки да ги пожолти забите (Сталин многу пушел, а Дадаев не), па неколку месеци под набљудување на НКВД и на учител по глума да ја вежба мимиката на Сталин, неговата интонација и движењата до најситни детали. За таа цел со часови гледал филмска хроника со сцени на кои е прикажан водачот. Меѓутоа, постоела уште една голема разлика – „дублерот“ бил речиси четириесет години помлад од „оригиналот“.

 

 

„Во тоа време не постоеше никаква пластична шминка како сега. На мене работеше шминкер, но тој не можеше да биде со мене секој ден. Затоа самиот се научив да правам „сипаници“ (лицето на Сталин од детството беше прекриени со белези од сипаници): најпрво на лицето нанесував тон кафеава нијанса, иста боја како кога кожата ќе поцрни од сонце, потоа со помош на обична женска четка со метални иглички втиснував „сипаници“. А, кога шминката ќе се исушеше врз сето тоа нанесував пудра. И цел ден поминував така, а навечер се миев“, раскажува Дадаев.

Само најтесниот круг знаел дека постои „дублер“. ДадаеВ потпишал документи дека нема да разгласува, а му било забрането да комуницира со семејството и со роднините.

 

МЕТА ЗА АТЕНТАТОРИТЕ

 

Двојникот лесно ја совладал првата фаза, а потоа добил задача да се појави јавно во кругот на партиските другари.

 

Москва, Русија, 15 декември 2014 година. Феликс Дадаев. Народниот уметник на Дагестан на церемонијата на вручување на наградата Конкордија (Премија „Согласие“) во Кремљовскиот дворец во Москва.

 

Во автобиографската книга „Земја на естрадата“ тој пишува: „Најважно беше да се потрудам околу првата пробна средба (со членовите на владата – заб. авт.), да молчам, небаре водачот не е баш расположен за разговор, но ако дојде ситуација сепак нешто да кажам, да го направам тоа лаконски, и секако, со гласот на Јосиф Висарионович. Тоа беше најлесна задача“.

Потоа на Дадаев му биле доверувани официјални приеми на Сталин, средби со странски делегации, сцени во филмски хроники, читање извештаи на радио, излегување и стоење со другарите на Мавзолејот за време на парадите на Црвениот плоштад… Никој од присутните не забележал ништо невообичаено. На крајот излегло дека во многу книги и весници свечениот портрет на водачот е всушност Дадаев.

Најодговорна задача за двојникот била да одглуми „заминување“ на советскиот водач во Техеран, на средбата на тројцата лидери во 1943 година.

 

„Беше планирано да се подготват два авиона. Еден што ќе го одвлече вниманието, и јас учествував во тоа. Преправен како Сталин во определеното место седнав во автомобилот и заедно со обезбедувањето заминав на аеродром. Тоа беше направено за Сталин (всушност неговата копија, односно јас) да дојде во видното поле (на странските разузнавачки служби)“, вели Дадаев. Тој не заминал во Техеран, стасал само до аеродромот. Но, токму таму бил направен обид за атентат.

 

Феликс Дадаев, генерал-лајтнант, академик, професор, народен уметник на СССР и на Дагестан на прес-конференција организирана по повод одбележувањето на 31-годишнина од катастрофата во Чернобил.

 

 

Дадаев само еднаш се сретнал со Сталин. Таа средба траела најмногу пет минути во собата за прием на водачот, но дублерот бил толку потресен што речиси на ништо не се сеќава:

„Освен насмевката на Јосиф Висарионович, како што ми се стори тогаш, и тешкото кимање со главата во знак на одобрување, повеќе ништо не запаметив“.

По смртта на Сталин повеќе немало потреба за двојник, па Дадаев продолжил да се занимава со глума. Приредувал хумористични точки. Сите податоци за двојникот се држеле во тајност до 1996 година. Биле чувани во личното досие во тајната картотека на КГБ. Кога од овие документи е тргнат печатот на државна тајна податоците беа обелоденети, но дури и по толку години Дадаев и понатаму тврди дека не може да каже сѐ. Во својата биографска книга во улога на двојник има посветено само една глава.

 

ИЗВОР : mk.rbth.com

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи