Голем интерес за дарување конвалесцентна плазма во Прилеп

 

Пoвеќе од 80 прилепчани дарувале конвалесцентна плазма од почетокот на годинава, што е повеќе од цела година лани. Во одделот за трансфузиологија двојно се зголемени пријавувањата на дарителите, излекувани и со антитела кои сакаат да им помогнат на болните од Ковид-19. Ова е уште повеќе добредојдено во период кога нагло е зголемен бројот на новозаразени, а Прилеп е меѓу првите градови во земјава.

Според трансфузиологот Виолета Јованоска, раководител на одделот за трансфузиологија во Прилеп, медицинските лица се пријатно изненадени од хуманоста на граѓаните. Јованоска вели дека сега полесно се констатираат антителата и кај оние што прележале со среден или со полесна клиничка слика.

Можам само да ги поздравам прилепчани и да им се заблагодарам и да им се поклонам на нивната хуманост. Годинава, од 1 јануари досега 80 прилепчани даруваа конвалесцентна плазма. За проверка дојдоа двојно повеќе од кои се селектирани тие што може да даруваат. Само во овој момент имаме 10 дарители кои се подготвени да даруваат. За споредба, цела година лани имаше околу 70 дарители, а годинава за три месеца – 80. Лани потешко ни одеше селекцијата, потешко наоѓавме антитела, но сега, од ноември лани, досега, речиси сите тестирани имаат антитела. Кај нас доаѓаат оние кои имале средна или лесна клиничка слика кога го прележале Ковидот, а имаат антитела. Тоа зависи најверојатно од нивниот имунолошки одговор, имуниот систем кој го имаат и од силата на тој имунолошки систем, објаснува Јованоска.

Славица Спиркоска е една од 10-те доброволци во еден ден кои даруваат конвалесцентна крвна плазма. Знае како е да да си соочен со невидливиот непријател, работи во Центарот за јавно здравје и се надева дека ќе помогне.

Работам во Центарот за јавно здравје. Во принцип сум хумана. Често дарувам крв. Сега, специјално дојдов да дарувам крвна плазма. Го поминав ковид-вирусот. Имаав средна клиничка слика, со сите последоватлени симптоми, болки во мускулите, температура. Сега сакав да помогнам некому и да дарувам плазма. Имам доволно антитела, имам 25,4 антитела. Сакам да помогнам. Бидејќи работам во Центарот за јавно здравје, се соочувам секојдневно со ситуацијата, сакам да помогнам и да порачам: почитувајте ги стие мерки, со вирусот нема „шега“, вели Спиркоска.

Оливер Јошески вели дека лесно ја поминал ковид-заразата. Не знае како се заразил, но знае дека сака да помогне.

Денеска дојдов да дарувам крв за крвна плазма. Ковид-вирусот го прележав уште во ноември, со лесни симптоми. Испитани се резултатите, во ред е ќе дарувам крвна плазма. Дојдов, ако може да помогнам некому со крвната плазма. Порачувам секој да се чува, а ако може да се дарува и да се помогне, вели Јошески.

Конвалесцентната плазма останува во врвот на можностите да им се помогне на заболените. Тоа многу добро го знае прилепчанецот Зоран Милошески. Плазмата помага, уверен е Милошески кој 15-ина дена бил на границата на животот и смртта во инфективното одделение.

На Инфективното одделение при прилепската болница поминав 15 дена. Начинот на кој ги поминав тие денови и според она што го кажуваше медицинскиот тим, состојбата не ми беше добра. Конзилиумот од лекари решија да примам конвалесцентна плазма. И тоа се случи веднаш, по вториот ден од мојата хоспитализација. Јас не сум стручен, не знам и не може да кажам дали тоа беше клучниот момент кој придонесе за моето оздравување, но знам дека ден-два по примањето на плазмата, мојата здравствена состојба почна да се подобрува и по 10-ина дена веќе бев оздравен и лекарските контроли што ги направив покажаа дека сега сум добар. Иако не е испитано и не се знае како ќе биде понатаму, меѓутоа, со оглед на сето, и по разговорите со медицинските лица, нивна е констатацијата дека крвната плазма беше таа која придонесе за моето оздравување, вели Милошески.

Сѐ зависи од индивидуалниот имунолошки систем, појаснува трансфузиологот Јованоска. Следењето на историските факти досега дава резултати.

Никој не знае на што се должи нивото на антитела без разлика на клиничката слика. Најверојатно, науката еден ден ќе има одговор. Но, сите барања или требувања за инфективното одделение при прилепската болница не е одбиено. Давањето на конвалесцентна крвна плазма на пациентите е проект на Министерството за здравство. Следејќи ги историските придобивки кога на болни во епидемии им се давала крвна плазма од претходно заболени и оздравени, резултатите покажале завидно ниво. Ние тоа го следиме. Тоа ни дава поткрепа и ние да веруваме дека конвалесцентната плазма ќе даде помош, бенефит, на пациентите заболени од Ковид-19, објаснува трансфузиологот Виолета Јованоска, раководител на одделот за трансфузиологија во Прилеп.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи