Дали нотарите треба да плаќаат ДДВ?

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

 

 

Повеќе од 20 години прометот на нотарските услуги не е предмет на оданочување со ДДВ. Оправданоста на одлуката донесена од Уставниот суд во ноември 2000 година, со која тогаш се укина обврската за оданочување на прометот на нотарски услуги, е можеби време да се преиспита, сметаат дел од даночните експерти. Нотарите треба повторно да бидат вклучени во системот на ДДВ и нивната услуга да се оданочува со општа даночна стапка од 18 % велат тие за „Локално“.

Кога овие услуги преминуваат од органите на државна власт во приватни раце, наместо намалување, како што се случува во цел свет, во нашата земја останаа на исто ниво, па дури и се зголемија.

„Нотарската услуга е форма на вршење на стопанска дејност од која се остварува профит, односно за истата се наплатува надоместок, таа треба да биде предмет на оданочување со ДДВ на ист начин како и сите други слични услуги. Впрочем и во актуелното законско решение, нотарската услуга според дефинициите на членот 6 од Законот за ДДВ не е изземена од оданочување”, вели Павле Гацов, претседател на здружението на даночни советници.

Даночниот експерт, Славко Лазовски наведува дека од самиот почеток на подготовките за воведување на ДДВ било јасно дека ќе има разни влијанија, лобирања, притисоци, отворени барања за мал или голем привилегиран даночен третман.

„Даночната регулатива, и поранешната и сегашната, вели тој, не предвидува ослободување од ДДВ. Сличните  услуги на слободните професии: адвокати, извршители, медијатори, консултанти и др. не се ослободени од ДДВ”, вели Лазоски.

Главен аргумент за изземање на нотарските услуги од системот на ДДВ, според објаснувањето на Нотарската Комора, е заштита на граѓаните од неоправдано двојно оданочување.

„Сметаме дека воведувањето на плаќање ДДВ за нотарски услуги не е во интерес на граѓаните од причина што иако директен даночен обврзник на овој вид данок е нотарот, сепак тој паѓа на товар на граѓанинот како корисник на услугите. Во овој случај би дошло до двојно оданочување по ист основ, т.е плаќање на судска такса и ДДВ за една иста работа и тоа на терет на граѓанинот”– велат од Нотарска Комора.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи