Најголемата слика на светот продадена за 62 милиони долари

 

„Патешествието на човештвото“ – најголемата слика на светот, дело на британскиот уметник Саша Џaфри, беше продадена за 62 милиони долари на аукција во Дубаи.

Сликата е заведена во Гинисовата книга на рекорди како „Најголемото платно на уметноста“. Поделено е на 70 делови, по рамки, со површина од 1.600 метри квадратни – што е еднакво на речиси четири кошаркарски игралишта. На Џафри му биле потребни осум месеци за да ја направи сликата во напуштена хотелска сала во Дубаи. Најпрво планирал да ја продаде на 70 различни делови, но францускиот бизнисмен со криптовалути, Андре Абдун, го купил целото дело.

„Мојот сон беше да направам нешто неверојатно за моите деца, за татко ми. Разговарав со Сача и открив дека инвестицијата и љубовта што тој ја вложува во оваа слика е неверојатна. Цел живот имав за цел да им помогнам на децата. Кога бев дете, немав што да јадам. Сега имам, но сите мора да сториме нешто. Секој долар може да направи промена во нечив живот. Ако го направиме тоа заедно, им даваме надеж за иднината на тие деца… Сакам да кажам дека ова е само првиот чекор“, рече Андре Абдун.

Џафри објасни дека целата сума ќе биде наменета за УНИЦЕФ, УНЕСКО, Глобалната фондација „Гифт“ и „Дубаи Керс“ со цел да се помогне на децата од социјално ранливи категории во земји како Бразил, Индонезија, Индија и Јужна Африка.

„Навистина сум презадоволен од тоа што се случи. Да собереш толку многу пари, од една слика во една вечер“, рече Џафри.

Во септември Гинисовата книга на рекорди го призна неговото дело за најголема уметничка слика насликана на платно. Цената на делото истовремено претставува и едно од најскапите уметнички предмети продадени на аукција од жив уметник.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи