Анти-корупција на локално ниво – апстрактен поим или реална можност за промени?

Во изминатите неколку години во однос на бробата против корупцијата во Република Северна Македонија е забележан напредок во одредени сегменти но и уназадување во други. 2019 започна со новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Во февруари истатата година, низ процес на јавно интервју во Собранието, беше избран нов состав на ДКСК (Државна комисија за спречување на корупцијата). Овој процес на соработка и консултација е позитивен пример за начин на избор и назначување, нотиран и во извештајот на Европската комисија за напредокот на државата. Истата година ни ги донесе и новите закони за јавни набавки и оној за пристап до информации од јавен карактер. Од новата Антикорупциска комисија многумина очекуваа значително подобрен пристап во борбата против корупцијата. Таквите очекувања делумно се исполнија, бидејќи подновената ДКСК отвори многу случаи, голем дел од нив против етаблирани сегашни и поранешни функционери.

Меѓутоа, тоа што во борбата против корупцијата се забележа, во услови на зголемен број случаи покренати од ДКСК, е недостатокот на фокус. Во земја каде што корупцијата е раширена, институциите не може да се борат против корупцијата на сите фронтови. Недостатокот од стратегија која ќе определи каде и на кој начин државата ќе се обиде да ја порази корупцијата, се надмина со донесувањето на Националата стратегија за броба против корупција и судир на интереси за периодот 2021-2025. Остаува да видиме што ќе донесе нејзината имплементација во периодот што следи.

Сепак, во изминатите две години се случија и големи разочарувања во делот на борбата против крупната корупција, односно актуелизирање на случаи кои иако на почетокот масовно промовирани во јавноста, не ја добија својата соодветна разрешница. На ваков начин се создаде впечаток дека „големите риби“ никогаш не можат да бидат уловени.

Тука останува и неизбежниот факт, дека на ваков начин преку креирање фама околу ваквите случаи во јавноста, се одвлекува вниманието од онаа помалата, навидум безопасна и не толку важна корупција која се случува во пониските слоеви, во институциите на локално ниво. Но, токму таа е онаа што директно влијае на граѓаните, ги загрозува нивните права и влијае на квалитетот на нивниот живот.

Она што исто така е сеуште исклучително слаба страна, е актуелизирањето на корупцијата на локално ниво. За локалните установи и институции оваа работа сеуште во одреден дел се прецепира како напад и непријателство од страна на сите субјекти, особено кога доаѓа од страна на локални организации од самата заедница.

Работата на здружението СТАНИЦА П.Е.Т. на правна едукација, зајакнување и овозможување на пристап до правда на маргинализираните заедници, со посебен фокус на здравствената и социјалната заштита, од самиот почеток е втемелена на пристапот базиран на заедницата – целиот процес на идентификување на пречките, изнаоѓање на решенија за нивно надминување и поттикнување на активизам за промени произлегува и се реализира во и од самата заедница.

За прв пат во текот на 2020, тој пристап во нашата работа е ставен и во функција на идентификување и борба против корупцијата. Се покажа дека едукацијата и вклучувањето на заедниците во намалување и борба против корупцијата дава информации од прва рака за начинот на кој се добиваат услугите во јавните установи. Согласно информациите кои ги  добиваме од корисниците на терен ја прикажуваме реалната слика за тоа дали услугите кои граѓаните ги добиваат, кореспондираат со набавките кои се извршуваат, како и тоа дека набавеното не е целосно во согласност со потребите на корисниците.

Нашето долгогодишно искуство и секојдневна активност на терен придонесе граѓаните да бидат отворени и доверливи со нас да дискутираат за своите искуства кои ги добиле од јавните установи на локално ниво. На таков начин ја дознаваме фактичката состојба на системот и укажуваме на недостатоците и недоследностите во него. Со тоа, борбата против корупцијата ја ставаме во функција на реално и ефективно подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, а не само апстрактен проблем за кој тие слушаат на дневно ниво.

Се покажа дека граѓаните се сепак отворени и желни да зборуваат за ваква тема, но потребно е поттикнување и охрабрување за нејзино отворање.

 

Автор : Станица П.Е.Т.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи