Младинска невработеност – резултати, а не приказни

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

 

Во денешно време не е лесно да се биде млад човек на пазарот на трудот. Република Северна Македонија се соочува со висок процент на невработеност, а нееднаквоста и социјална исклученост во македонското општество се големи. Високо е и учество на младите лица во категоријата невработени лица, а тоа значи висок ризик од нивна социјална исклученост. Учеството на младите на пазарот на труд е на ниско ниво. Според податоците на Државниот завод за статистика, младинската невработеност во земјава е 35 проценти.

Долгите периоди на невработеност влијаат врз изгледите на младите да обезбедат работно место со можност за кариера и пристојна плата. Според наше мислење, во една ваква ситуација младите невработени лица се соочуваат со зголемен ризик од маргинализација, особено тука спаѓаат оние кои доаѓаат од семејства со понизок социо-економски статус и од руралните и неразвиените подрачја.

Невработеноста на младите со себе носи огромни последици врз личноста на младиот човек и неговата иднина, но и врз заедниците во кои живеат. Невработените млади имаат потешкотии во воспоставувањето на значајни врски во општеството и се соочуваат со социјална и политичка изолација. Негативните последици од периодите на невработеност според неколку истражувања го погодуваат младиот човек на повеќе нивоа: со секој ден поминат во состојба на невработеност, се намалуваат шансите за идно вработување, а се зголемува ризикот од сиромаштија. Понатаму, невработеноста ги намалува шансите и за идна пристојна работа и добра заработувачка.

Невработените лица исто така ги губат можностите за создавање на потребните контакти за успех на пазарот на трудот и овој недостиг на градење на социјален капитал е една од причините за идното полошо котирање на пазарот на трудот. Невработеноста влијае на зголемување на антисоцијалните и девијантните појави и ги зголемува нееднаквостите меѓу различните групи во општеството. Анализите покажуваат дека од невработеност почесто патат младите кои припаѓаат на маргинализираните групи или потекнуваат од или живеат на одредени запоставени/напуштени места. Социјално исклучените, невработените, а едуцирани лица се соочуваат и со друг вид проблеми. Тие го губат знаењето кое брзо застарува, ги губат професионалните вештини и работните способности и не можат да опстанат ако не е социјалната помош и поддршката од државата, која единствено може да им обезбеди некаква социјална сигурност. За државата, висок процент на невработени млади значи залудно трошење на инвестициите во образованието и обуката, намалена основа за оданочување и поголеми трошоци за бесплатни социјални услуги.

Во однос на ранливите категории на млади со новиот оперативен план, Владата ги препознава како проблем кој бара приоритетни интервенции во пречките за нивно вклучување на пазарот на труд, па така мерките се однесуваат за олеснување на нивното вклучување на пазарот на труд. Сепак, дискутабилно е дали ќе се постигнат посакуваните долгорочни ефекти само преку ослободувањето од придонеси како клучна мерка од која се очекуваат најмногу резултати. Социјалните иновации во насока на младинско вработување со вклучување на сите засегнати страни, особено граѓанскиот сектор, треба да бидат мерка плус што ќе води кон истата заедничка цел – намалување на младинската невработеност.

 

Препораки и сугестии:

 

  • Да се обезбеди поголема видливост на влијанието на поедини мерки и која мерка, во кој обем е интересна за младите. Потребни се конкретни податоци објавени јавно за бројот на невработени млади луѓе, колку од нив се пријавени како активни баратели на работа, кои активни мерки им се на располагање, колкав е вкупниот опфат на млади вклучени досега во сите активни мерки и колкав опфат на млади има во секоја активна мерка поединечно.

 

  • Да се препознае важната улога на граѓанскиот сектор и на младинските организации во нивното учество и поддршката на активните мерки за вработување. Во моментот граѓанскиот секторот не е или е само делумно опфатен со мерките, а овој сектор има огромен апсорпционен потенцијал за вклучување и вработување на младите луѓе.

 

  • Да се децентрализира процесот на имплементирање на активните мерки за вработување на различни категории на млади луѓе по плански региони, за да се зголеми влијанието на локално и регионално ниво.

 

  • Да се прошири и унапреди мерката за самовработување со грантови или пак микрокредитирање за почнување на сопствен бизнис, бидејќи е поодржлива на долг рок за креирање на реални нови работни места.

 

  • Поволностите кои важат за странските инвестори да важат и за домашните компании, во делот кој се однесува на реинвестирање на добивката и ослободување од плаќање на данок на добивка.

 

  • Да се засилат напорите за воведување на поволна легислатива за унапредување и регулирање на социјалните претпријатија и развојот на социјалното претприемништво преку меѓусекторска соработка.

 

  • Да се дава поголема поддршка на неформалните образовни програми посебно од граѓанските организации кои даваат знаења, вештини и компетенции за унапредување на квалификациите за полесно вклучување на пазарот на труд на младите луѓе.

 

 

Автор: Рубинчо Аризанкоски, граѓански активист и член во Здружение Достоинствен Работник

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи