ВИДЕО – Започнува да се гради Градинката во „Точила“, останатите капитални проекти – неизвесни ?!

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Конечно, по неколкукратното одлагање, започнува реализацијата на едно од повеќето предизборни ветувања на актуелната локална влсат. Камен-темелникот за изградбата на Детската градинка во населбата „Точила“, ќе биде поставен, в петок, на 2-ри април. Овој проект „тежи“ 110 милиони денари, а во објектот ќе можат да се згрижат околу 250 предшколски деца. Според зборовите на градоначалникот Илија Јованоски, Градинката требало да биде готова до крајот од годинава.

 

 

Меѓутоа, неизвесно останува кога ќе се започне со изграбата, а уште повеќе кога ќе биде и завршен Спортско-рекреативниот центар со покриен базен, проект, вреден 120 милиони денари и кој според придизборните ветувања требаше да биде дел од комплексот со Детската градинка, а и двата да бидат завршени до крајот на оваа година

„Во тек е постапката, значи се прават последните завршни работи и мислам дека за два-три месеци ќе го има…Нема да се изгради во целост, ама ќе биде повеќе од половина направен…барем така е планот“, – ни изјави градоначалникот Илија Јованоски.

Подобри времиња ќе чека и изградбата на новиот театар. Иако уште во декември, минатата година со овој проект се пофали и премиерот Зоран Заев, сепак, според градоначалникот Илија Јованоски, и тука, најверојатно, ќе има извесно пролонгирање.

„Во моментов се трансферираат 4,5 милиони денари  на сметка, наменска, посебна на Прилеп за изработка на главниот проект за театарот, кој што следната година треба да почне да се гради во Прилеп“, изјави тогаш Зоран Заев. (19.12.2020 г.)

„Не можело парите да се префрлат на Општината, туку парите ќе се префрлат на Театарот..на Домот на културата „Марко Цепенков“ и идејниот прокет што го има општината ќе му го даде на „Марко Цепенков“. И сега треба, наредниот месец да направи Театарот, односно Домот на културата, Основен проект за Театарот“, објаснува градоначалникот Јованоски.

Годинава, речиси сигурно е и дека нема да се реконструира ниту Старата прилепска чаршија, за кој проект од општинскиот Буџет веќе се издвоени 50 милиони денари. Причината била што станувало збор за доста сензитивно прашање, бидејќи угостителите и дуќанџиите од Чаршијата имале свои барања, а кои се наметнале како последица од пандемијата кога безмалку целата Чаршија едвај врзува крај со крај, објаснува градоначалникот Илија Јованоски, додавајќи дека овие веќе издвоени средства, најверојатно со ребаланс на општинскиот Буџет ќе биле пренаменети.

 

Автор: Каролина Дурло

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи