Измени на Законот за државјанство – дали ќe има договор за „фантоми“, докажување државјанство со тројца сведоци и деблокада на Собранието

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

 

Измените на Законот за државјанство ќе бидат единствената тема за која денеска на средба во 10 часот ќе се обидат да најдат решение координаторот на пратеничката група на Алијанса за Албанците и Алтернатива Скендер Реџепи и премиерот Зоран Заев и министрите за правда и МВР, Бојан Маричиќ и Оливер Спасовски.

Реџепи потенцира дека волја за решавање на овој проблем има, но и дека без оглед дали власта и опозицијата ќе се усогласат за Законот за државјанство, тоа не ги менува нивните позиции за измените на Законот за попис. Алијанса и Алтернатива се против одложување на пописот.

„Ако најдеме решение за државјанствата тоа ќе значи одблокирање на работата на Собранието, додека за одложување на пописот ќе водиме суштинска дебата “, вели Реџепи.

Анализите во МВР покажале дека има околу 800 граѓани кои не поседуваат никаков документ, а се на територијата на нашата држава.

„Според анализите во МВР, 800 лица немаат никаков документ, а се наоѓаат на територијата на нашата држава или т.н. фантоми, но веќе е надминат проблемот за упис во матичната книга на родените и за добивање на сите други права кои произлегуваат за да може да ги остваруваат правата како државјани на Р Македонија. Имаме анализи и во друг сегмент, но тоа не мора да значи дека се некакви точни бројки до крај. Би требало кога ќе се започне процесот на менување на Законот ако за тоа има потреба или изнаоѓање одредени механизми навистина да дојдеме до точната бројка преку одредени пријавувања. Сепак, сметам дека тоа не е преголема бројка на оние што немаат државјанство, а се наоѓаат на територијата на нашата држава и ќе ги исполнат сите норми“, рече министерот Спасовски.

Премиерот Заев е убеден дека е можно решение за таканаречените фантоми. Според него, битно е тие граѓани да имаат некаков документ, како на пример свидетелство од дете, потврда дека биле или се приматели на социјална помош, еден од сопружниците да има државјанство… И Заев и Спасовски се децидни дека за добивање државјанство мора да се приложи некаков документ и дека со изјава на тројца сведоци е невозможно да се доби државјанство.

„Конкретно, од тоа што сум информиран, ова е мал детал од она што треба да е подготвено. На пример, ако се работи за повозрасна жена, наша сограѓанка која нема државјанство, а има две деца кои имаат свидетелства, тука се децата, поминале одредени години, дошле и до свидетелства, дошле до одредени документи – тоа би било сериозен доказ дека на таа и таа жена треба да ѝ се даде државјанство. Имаме случаи кога од стапувањето во брак се поминати 8, 10, 15 години, а за жал сè уште не е издадено државјанство. Имаме случаи кога членови на семејството како што се родители, деца, брачен другар… Мислам дека овде ќе ги најдеме практичните аргументации да изнајдеме решение да давање на државјанство“, нагласи Заев.

Во измените на Законот за државјанство предложени од Алијанса и Алтернатива се предлага наместо 8 години престој како услов за државјанство да биде 4 години, 3 сведоци да потврдат дека лицето во Македонија живеело и пред независноста, да може и со еден сведок ако тоа е сѐ уште жител на местото на барателот. Наместо да го познава македонскиот јазик да се дефинира како познавање на најмалку еден од службените јазици во државата, се мисли на албанкиот јазик.

За ова, според информации од власта, ќе се понуди лицата да ја познаваат историјата и културата на Македонија, по урнек на економските државјанства.

Според постоечкиот Закон за државјанства, постапката за издавање уверение за државјанство може да се реализира доколку барателот веќе стекнал државјанство на Република Македонија на еден од начините определени со Законот за државјанството на Република Македонија, и тоа:

(1) со потекло;

(2) со раѓање на територијата на Република Македонија и

(3) со природување.

Кон барањето се поднесуваат следните документи :

– лична карта или друг документ за лична идентификација на којшто има фотографија и кој е издаден од државен орган;

– други документи во зависност од начинот на кој се стекнува државјанството.

Стравувањата на јавноста се дали на ваков начин се отвора простор за злоупотреба околу делење државјанства на „фантоми“. Според поранешниот министер за внатрешни работи и претседател на Демократскиот сојуз Павле Трајанов со предложениот Закон за државјанства од АА/А може да им се признае државјансво на над 70.000 граѓани, кои, покрај друго, може да докажат дека имаат постојан престој со двајца сведоци.

Липо ласер и спа капсула за прв пат во Прилеп

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Липо ласер и спа капсула за прв пат во Прилеп

Play Video

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи