ВИДЕО – Нема вакцини за сестрите во приватните стоматолошки амбуланти, се бара нивна итна имунизација

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

 

Нема вакцини за стоматолошките сестри кај приватните стоматолошки амбуланти, особено кај концесионерите кои немаат договор со Фондот. Овие медицински лица велат дека стоматолозите се вакцинирале во првиот круг, а тие извисиле. Револтирано велат дека е апсурдно да се вакцинира стоматологот, а тие да бидат изоставени, бидејќи постајано со него се во иста просторија и се подложни на истиот ризик. Се чувствуваат дискриминирани. Бараат нивните газди веднаш да побараат вакцини од државата или тоа само да го направи министерството за здравство.

 

 

„И сметаме како Унија, како Здруженија, апелираме до нивните работодавачи, до стоматолозите од концесионерството, дека тие треба да ги пријават и дека тие треба да апелираат, сега во овој втор круг на вакцинација, да бидат вакцинирани и стоматолошките сестри кои сакаат да бидат вакцинирани. Негодувањето нивно е затоа што во ниту еден момент ние не слушнавме каков е планот со нив, значи воопшто не се испланирани. Не е колегијално, не е чесно и не е поштено да бидат вакцинирани докторите, а стоматолошките сестри да останат невакцинирани“, изјави Гордана Бешлиоска, претседател на здружение на медицински сестри „За нас“.

Од здружението на медицински сестри „За нас“ велат дека со вакцинацијата испливале на површина и другите проблеми со кои се соочуваат дел од овие стоматолошки сестри.

„Луѓето немаат никаков договор врз основа на кои се ангажирани во тие приватни ординации. Никако не се заштитени по ниту еден основ. Никому не му е гајле, дали тие луѓе одат на одмор, не одат на одмор, дали имаат право на одмор, дали немаат право на одмор? Боледување имаат или немаат? Како се платени? Никој не им ставил рамка колку земаат лични доходи, колку треба да земаат, едноставно работат 3 во едно. Тие се сѐ и болничари и хигиеничари и медицински сестри“, додаде Бешлиоска.

Освен со стоматолошките, проблем деновиве, се јавил и кај другите сестри бидејќи дел од нив се распределиле во модуларните болници, а не биле вакцинирани во првиот круг.

„Ни останаа медицински сестри кои не се вакцинирани бидејќи беа во вториот или третиот ешалон така да се изразам, не во црвените зони, значи беа во преодните зони и сега ние од нив внесуваме во Ковид центрите и треба многу да се размислува, ние не можеме невакцинирани да ги внесуваме таму“, истакна Бешлиоска.

Од здружението „За нас“ очекуваат најитен одговор од надлежните за овие проблеми.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи