Се враќаат запрените авиолинии на скопскиот аеродром

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

 

Со летниот ред на летање се враќаат повеќето од авиолиниите што беа запрени во 2020 година со затворањето на аеродромот во Скопје. Станува збор за голем број линии на авиокомпанијата „Визер“, како и на рутата Скопје-Варшава на полски ЛОТ. Најавени се и чартер летови од Скопје до Анталија во Турција за периодот од мај до октомври од пет авиокомпании.

Ваквите најави се очекува да го зголемат бројот на патници, којшто, како и во минатата година по стартот на пандемијата, така и во првите два месеца од годинава бележи пад од 70% во однос на истиот период лани. Сепак, натамошниот развој на воздушниот сообраќај ќе зависи од одлуките на владите поврзани со ковид-пандемијата.

„Бројот на авиокомпании кои летаат од Меѓународниот Аеродром Скопје во рамки на летниот распоред на летање за 2021 година, останува речиси истиот.

Во зимскиот распоред на летови имавме 10 авиокомпании кои летаа од скопскиот аеродром и тоа: Ер Србија, Ејџиан ерлајнс, Аустриан ерлајнс, Еделвајс, Чер ерлајнс, Кроација ерлајнс, Пегасус ерлајнс, Туркиш ерлајнс, Виндроуз ерлајнс и Визер. Сега, во летниот распоредот на летање, кој почнува од крајот на март до крајот на октомври, ќе имаме уште една авиокомпанија, а тоа е полската ЛОТ. Тие најавија дека ќе се вратат на македонскиот пазар со летовите на релација Скопје-Варшава, од јуни до октомври, коишто беа прекинати со почетокот на пандемијата минатата 2020 година“, изјавија за МИА од ТАВ Македонија, концесионер на аеродромите во држвава.

Бројот на дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје во зимскиот распоред на летање беше 22, а сега авиокомпаниите најавија вкупно 41 редовна дестинација, што, значи дека повеќето од линиите што беа запрени во 2020 година со затворањето на аеродромот, сега се враќаат.

Сепак, укажуваат од ТАВ Македонија, поради крајно неизвесното деловно опкружување во авиоиндустријата, кое е како резултат на брзите промени во политиките на различни земји за влез на нивно тло, а кои се прават поради Ковид-19, очекуваме можни промени во фреквенциите на летовите на најавените дестинации, како и можни откажувања на некои од најавените дестинации од скопскиот аеродром, исто како што се случуваше и минатата година.

Во однос на враќањето на намалените дестинации, најавено и ставено е во нивниот распоред, враќањето на голем број линии на авиокомпанијата „Визер“, како и на рутата Скопје-Варшава, на која лета полски ЛОТ. Авиолинијата Скопје-Атина, со „Ејџиан ерлајнс“, веќе е вратена на редовниот распоред на летови, од февруари годинава.

„Што се однесува до авиолиниите Скопје-Дубаи, со „Флај Дубаи“ и Скопје-Доха, со „Катар ервејс“, веќе знаеме дека овие две дестинации нема да бидат обновени со почетокот на летниот распоред на летови годинава. Слично како и авиолинијата Скопје-Истанбул, така и авиолинијата Скопје-Варшава, и споменатите две рути Скопје-Дубаи и Скопје-Доха, нашите патници ги користеа како транзитни точки за интерконтинентални летови“, велат од ТАВ.

Во врска со работењето за време на пандемија, од ТАВ велат дека работат според пандемискиот протокол и дека функционира објектот за тестирање за ковид-19.

„Работиме според новиот аеродромски пандемиски протокол што беше воведен минатата година. Преку овој документ имплементираме засилени здравствени и хигиенско-санитетски мерки, со цел безбедност на патниците и на вработените. Последната новина воведена во јануари 2021 година, е објектот за тестирање за ковид-19, којшто е отворен од овластена лабораторија пред терминалната зграда на Меѓународниот Аеродром Скопје, со цел нашите патници да можат да направат брзи антигенски тестови, коишто станаа задолжителни за качување на авионски лет и влез во многу странски земји“ , велат од ТАВ.

Перспективите на македонскиот воздушен сообраќај ќе останат најмногу зависни од одлуките на владите во врска со ковид-19.

„Се надеваме дека 2021 година ќе биде година на економско закрепнување во светот. За да се случи тоа, владите ширум светот треба да работат заедно со цел да ги поддржат економиите, особено меѓународно изложените бизниси што инвестираа во нови и засилени здравствени и безбедносни мерки, како што тоа го стори ТАВ Македонија во изминатата година. Имајќи предвид дека перспективите на македонскиот воздушен сообраќај ќе останат најмногу зависни од одлуките на владите во врска со Ковид-19, очекуваме дека ќе бидат потребни неколку години за стабилизирање на авионската индустрија ширум светот и за македонските аеродроми да се вратат назад на нивоата на патнички сообраќај што ги имавме пред кризата“, појаснуваат од ТАВ.

Притоа се земени во предвид и промените за безбедно патување што се случуваат во рамките на ЕУ, односно т.н. „Дигиталните зелени сертификати“.

„Имајќи го предвид фактот дека во моментот има забрана за патување за носителите на македонски пасош од сите земји на ЕУ / Шенген, ќе треба да го најдеме нашиот пат, односно нашето место, во рамките на овој план за безбедно патување овозможено со „Дигиталните зелени сертификати“, бидејќи над 77 проценти од дестинациите од аеродромите во Скопје и Охрид се во географска Европа. Што се однесува до мерките, секогаш сме имале добра соработка со Владата, Министерството за транспорт и врски, како и со сите надлежни владини тела и силно веруваме дека истата ќе продолжи и во иднина. Поддршката на Владата како наш партнер е од огромна важност за закрепнување на воздушниот сообраќај“, изјавија од ТАВ Македонија.

Од Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) очекуваат паралелно со мерките за заштита од вирусот да има поинтензивно враќање на странските авиопревозници, а со тоа и на бројот на патници.

„Во секој случај очекуваме во наредниот период, паралелно со функционалните мерки за здравствена заштита, да започне процес на поинтензивно враќање на странските воздухопловни компании кои ќе оперираат од и до земјава, а со тоа и да расте бројот на превезени патници“, изјави за МИА Томислав Тунтев, директор на АЦВ.

Во редот на летање за наредните шест месеци што го усвои АЦВ се авиокомпаниите: „Аустријан Ерлајнс“ (Виена-Скопје), „Ер Србија“ (Скопје-Белград и обратно), „Кроација ерлајнс“ (Загреб-Скопје и обратно), „Туркиш ерлајнс“ (Истанбул), „Еделвајс“ (Истанбул, Будимпешта и Сандефјрод до Скопје и обратно, Цирих-Охрид), „Визер“ (Гетеборг, Малме, Копенхаген, Ајнховен, Брисел, Париз, Дортмунд, Келн, Фридрихшкафен, Меминген, Франкфурт, Базел, Нурејмберг, Барселона, Берлин, Милано, Хамбург, Венеција, Хановер, Бремен, Братислава, Рим, Ваксјо, Баден-Баден, Малта, Ларнака и Турку до Скопје и обратно, како и Базел, Виена, Миминген, Дортмунд, Малме и Лондон до Охрид и обратно), „Пегасус“ (Истанбул-Скопје), „Чер Ерлајнс“ (Цирих Скопје и Цирих –Охрид),  „Ејџиан ерлајнс“ (Атина Скопје- и обратно), „Виндросе ерлајнс“ (Киев-Скопје и обратно), „Лот полиш“ (Варшава-Скопје и Варшава –Охрид, како и Катовица-Охрид).

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи