Над 6000 текстилни работници принудено заминаа на колективен одмор поради доцнење на државната помош

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

 

 

Над 6.000 текстилни работници во земјава заминаа на колективен одмор. Претседателот на Организација на работодавачи, Ангел Димитров за МИА вели дека од вчера на одмор се работниците, а половина од нив се од Штип.

„Работниците се пуштени на одмор, користат 2 недели од годишниот одмор за 2021 година. Од утринава имав повици од неколку компании од источниот регион. Се надевам дека пратениците конечно ќе помислат на народот, а не на партиите. Во моментов немаме волшебно стапче, ова е преоден период, доколку не се донесе петтиот пакет мерки, од компаниите први ќе си заминуваат работниците со договори на определно, а потоа ќе следи и прогласување технолошки вишок“, вели Димитров.

Над половина од штипските тектилни работници од вчера се на колективен одмор. Станува збор за 3.500 работници вработени во околу 70 конфекции.

Претставникот на Текстилниот кластер од Штип, Кирил Нашков, вели дека компаниите се одлучиле да ги испратат работниците на одмор, поради неизвесноста и недонесувањето на петтиот пакет на мерки, но и локдаунот во Европа, со што нивните партнери засега не склучуваат нови нарачки.

„Каква ќе биде иднината понатаму ќе мора да почекаме. Се надеваме дека вработените ќе ги вратиме назад на работа. Ако остане ваква црна сликата, моја претпоставка е дека дел од вработените воопшто и нема да бидат повикани да се вратат на работа“, вели Нашков.

Тој посочува дека државната помош од петтиот пакет на мерки не е за спас на фирмите, туку за спас на работните места во реалниот сектор, кој се соочува со низа на проблеми и неизвесност поради пандемијата и мерките во земјите од ЕУ, од каде што им пристигнуваат и нарачките за работа.

Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ вели дека уште пред 10 дена алармирале дека ова ќе се случи поради политички калкулации, а најголемиот удар ќе биде врз работниците од текстилниот сектор.

Таа апелира пратениците веднаш да го донесат петтиот пакет на мерки, оти сиромаштијата им чука на врата на работниците. Голем број од штипските конфекции ја немаат исплатено февруарската плата, а работниците останаа и без здравствено осигурување во време на пандемија.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи