ВИДЕО – 4 големи меѓународни награди годинава за прилепскиот виолинист Леонардо Димоски

 

Иако оваа година е една од најтешките за музичарите и културните работници затоа што јавните настапи се секаде забранети во светот, тоа не е случај со 16 годишниот талент од Прилеп Леонардо Димоски кој свири на виолина. Последнава година му започна доста плодно, освојувајќи вредни награди на 4 меѓународни натпревари кои се одржуваа онлајн поради целата ситуација.

„Пандемијата во секоја област ни даде потешкотии, но и ние музичарите некако се снајдовме. Натпреварите сега се одржуваат онлајн. Испраќаш снимка и според неа те оценуваат. На светско ниво освоив 4 награди. Од кои прва награда во Словенија, втора награда во Малезија, и две трети награди, едната во Москва, а другата во Швајцарија“, истакна Леонардо Димоски, музичар.

Димоски музиката ја засакал од мали нозе. Прво завршил музичко основно училиште во Прилеп, а сега е втора година во средното музичко училиште во Битола, кај професорката Оливера Трајкова, а под менторство на професорката Сихана Бадивуку.

„Часовите ги одржуваме исто онлајн, за нас музичарите тоа е малку потешко затоа што ние имаме предмети што се повеќе пракса“, додаде Димоски.

Вели дека ја одбрал виолината како инструмент затоа што нејзиниот звук отсекогаш го расположувал.

„Омилен композитор ми е Бах. Многу ја сакам неговата музика. Ме смирува доста кога свирам и доста е тешко да се свири Бах, да се долови неговиот каратер. Други омилени композитори ми се Вењавски, Сарасате, Паганини“, рече Димоски.

Секој ден на виолината свири по неколку часови. Вежбите ги прави во својот стан. На шега вели досега никој од соседите не се побунил, а тоа е доказ дека уживаат во неговата музиката.

„Отприлика свирам по 2 до 3 часа секој ден. Свирам тука во станот, досега никој од соседите не се побунил, мислам дека уживаат“, со смеа вели Димоски.

Се уште не знае дали ќе продолжи со учење тука или во странство, но сигурен е дека сака професионално да се занимава со музиката и со ништо друго. Ние пак би сакале ваквите таленти да останат дома, затоа што тие се најдобрите амбасадори на нашата држава.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи