Хотелиерите: Сега сме ранети и ни треба помош, кога ќе закрепнеме ќе и вратиме на државата

 

 

Затворањето на угостителските објекти и целосната забрана за прием на гости и посетители, кои не се сместени во хотелите, согласно владината одлука за нови рестриктивни мерки за заштита на населението од ширењето на Ковид – 19 дополнително ќе ги зголемат големите штети што ги претрпува овој сектор, смета претседателот на Асоцијацијата на хотелиери Крсте Блажески.

„Ова требаше Владата да го предвиди малку порано. Затворањето требаше да биде уште пред неколку недели. Но, со оглед на тоа дека прв пат се соочуваме со ваква пандемија и 1 година не работиме во нормални услови со полн капацитет, штетите во угостителството, вклучително и хотелиерството се огромни“, вели Блажески.

Блажески очекува дека секторот ќе биде помогнат со новите пакети мерки барем со плати за вработените.

„Се надеваме дека за вакви проблеми ќе има соработка со сите политички партии за носење вакви одлуки. Угостителството не е дејност од една политичка партија, туку дејност на државата, и носи приходи за сите. Од приходите што ги носи угостителството се делат и средства за избори и сличо. Наместо да го гледаме тоа и зајакнуваме не може да носиме било какви намерни одлуки за штета. Сега сме ранети и ни треба помош, кога ќе закрепнеме помошта ќе се врати од тие што сме ја добиле, односно од државата“, рече Блажески.

Тој спомена дека имаат олеснување и одложено плаќање на кредитите, како и за барањето за еднократна помош согласно претрпените загуби во 2020 година.

„Баравме еднократна парична помош за справување со другите трошоци, освен со платите соодветно, кој како плаќал данок. Да не биде некоја фирма отворена во 2020 да добие исто помош како некој што плаќал 10, 20… години данок кон државата. Завршните сметки се направени во однос на лани и може да се види по сите основи колкави се точно загубите и која фирма е најпогодена“, истакна Блажески.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи