Денес се слави Благовештение – црквата во Прилеп е посветена на овој празник

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

 

Денес, Македонската православна црква го слави Благовештението, празник посветен на знаењето на Дева Марија дека таа ќе го роди спасителот на човечката раса.

Бидејќи празникот е Богородичен, што значи женски празник, многу жени на овој ден се молат на Богородица за потомство. Исто така е поврзано со размножување во природата, бидејќи сеењето на пролетни зрна започнува од Благовештение, а исто така се верува дека денес е среќен ден за калемење овошје.

На овој ден, куќата, дворовите и шталите се чистат, а целото ѓубре се вади од куќата. Исто така, постои верување дека жените на овој ден не треба да ја чешлаат косата и треба да се мијат во река или на извор.

Добро е да започнете поголема работа во Благовестештение (градежништво, започнување бизнис, учење) или да донесете поголема или дури и одлука за живот.

Кога Пресветата Дева наврши 11 години пребивање и служење во ерусалимскиот храм и 14 од раѓањето – значи кога стапи во 15 година од животот – свештениците и соопштија дека според Законот повеќе не може да остане при храмот, туку треба да пристапи кон веридба и брак. Одговорот на Пресветата Дева беше големо изненадување за тамошните свештеници.

Изјави дека таа себеси Му се посветила на Бога и не сака да стапува во брак со никого. По Божја Промисла и вдахновение тогаш првосвештеникот Захарија, татко на свети Јован Крстител, се договори со другите свештеници, собра 12 вдовци од Давидовото племе за да пронајдат 1 на когошто би му ја довериле Дева Марија како на оној кој ќе ја чува нејзината девственост и ќе се грижи за неа. Му ја доверија на стариот Јосиф од Назарет, којшто ѝ беше роднина. Во домот Јосифов Пресветата Дева продолжи да живее исто како во Соломоновиот храм, минувајќи го времето во читање на Светото Писмо, во богомислие и ракоделие.

Од дома не излегуваше речиси никогаш, ниту се интересираше за светските работи и настани. Малку зборуваше со кој било и никогаш без особена потреба. Најчесто општеше со ќерките на Јосиф. Но, кога се исполни времето означено со пророштвото на Даниил и кога Бог благоволи да го исполни ветувањето што му го даде на прогонетиот Адам и на Пророците, на Пресветата Дева и се јави во одајата великиот архангел Гавриил, а некои свештеници пишуваа дека во оној миг таа го имала пред себе отворено пророштвото на Исаија кој вели: „Ете, девојка ќе зачне и ќе роди син!“ Гавриил и се јави во архангелска светлина и и рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе!“ И сè друго, како што пишува во Евангелието на Божествениот Лука. Со оваа архангелска благовест и со слегувањето на Светиот Дух врз Пречистата Дева, започна спасението на луѓето и обновата на созданието. А историјата на Новиот Завет ќе значи радост за човештвото и за сета твар.

Црквата „Св. Благовештение“ попозната и како Стара Црква се наоѓа во Прилеп. Црквата е изградена од познатите прилепски мајстори Коста Лауцо и Ристе Тасламиче во 1838 година. Црквата е со димензии 32 м должина, 26 м ширина и 9 м висина. Во дворот на црквата се наоѓа гробот на македонскиот револуционер Пере Тошев.

Иницијативата за изградба на црквата ја покренале угледни личности, чорбаџии и занаетчии, сакајќи на прилепчани да им ја остварат вековната желба за божји храм. Голема улога за добивање документ за изградба одиграле еснафите, особено тутунскиот еснаф. Клучна била улогата на тогашниот тутунски трговец – аџи Христо Дамјанов. Тој имал храброст да ги изнесе желбите на своите сограѓани пред османлиската власт. Познанството со Рушид-паша го искористил да го запознае султанот со желбата на прилепчани да добијат црква, во која ќе се пее и богослужи на мајчин јазик. Напишал молба до Падишахот, барајќи да се подигне црква. Отишол во Цариград најпрво на средба со патријархот Григориј, а потоа со Рушид-паша успеал да влезе во дворецот на главниот секретар на султанот. Му одговориле дека треба да чекаат неколку месеци. Ферманот за градење на црквата бил добиен во 1835 година.

Извесна баба Мита од семејството Миџовци го дала својот имот, зашто тоа било најдобро место за градба на црквата, а сите еснафи се согласиле да дадат материјал за побрзо да се изгради божјиот храм. Биле ангажирани надалеку прочуените мајстори Коста Лауцот и Ристо Тасламиче.

Прилепчани одлучиле црквата да му биде посветена на празникот „Светото Благовештение“ зашто дотогаш во градот не пристигнала поблага и поубава вест.

Осветувањето го извршил митрополитот Пелагониски Герасим. На чинот присуствувале сите свештеници и речиси целиот град. На чело бил Аџи Поп Константин Динка, првиот архијерејски намесник во Прилеп, а сослужувале свештениците Христо Икономовски, Ангеле Смичковски, Константин Пантов и други. Црквата „Св. благовештение“ и ден денсе е духовен центар за верниците и расадник на свештеници.

Архитектонски опис

Црквата е долга 32 метри, широка 26 метри, а висока 9 метри и е ѕидана во бигорлив делкан варовник, со многу колони од северната, западната и јужната страна. На источната страна е изграден широкиот олтарен простор со апсидата. Наосот на црквата го сочинуваат три кораби формирани од два реда масивни колони. Централниот кораб е полукружно засводен и се издига повисоко од страничните кораби. Кон западната страна на црквата е т.н. „женска црква“. Галериите се на јужната и на северната страна на црквата, во горниот дел на тремовите. Заедно со црквата се градела и камбанаријата, во барокен стил.

Со својата убавина, но и вредност особено плени иконостасот во црквата. Не е помала вредноста и на владичкиот стол, амвонот и на троделниот стол на аџи Христо. Овие дела се одраз на карактерите на мајсторите што ги изработиле – предводници на своите тајфи Петре Филипоски – Гарката и неговиот зет Димитар Станишев. Иконостасот е сочуван во изворна состојба. Долг е 16 метри, висок 6,2 метри, а во својата основа е праволиниски. Изработен е од ореово дрво. Петар Гарката го работел во делови три години во куќата на браќата Мисиркови. Чинел околу 1.000 турски лири. Деловите подоцна биле составувани во црквата. Иконостасот е на два ката поделен на неколку појаси. Првиот кат има китабиња, фриз и колони со престолни икони. Над престолните икони има фриз работен во длабока резба со растителна орнаментика. Корнизот е граница меѓу двата ката. Потоа се празничните икони кои се поместени во горниот дел од иконостасот. Особено вредно ремек-дело на мајсторот Гарката е и владичкиот стол. Тој е едно од неговите последни уметнички дела и единствен од таков вид во земјава. Висок е 5 метри, широк 92 сантиметри, а длабок 86 сантиметри. Во долниот дел има два лава во лежечка положба, а пред нив змии. На предната страна од престолот има два лава, а над нив два феникса со раширени крилја и подигнати глави. На задната страна е поставена икона на која е насликан Господ Исус Христос, како цар заедно со четворица евангелисти.

Честит празник!

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи