Државен пазарен инспекторат: Одредени субјекти се инаетат и поради нив трпи цела угостителска дејност

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

 

 

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски денес на прес конференција во Владата го изрази својот револт кон одредени субјекти поради кои трпи целата угосителска дејност, тераат инает и кон себе и кон граѓаните и кон пазарните инспектори.

Пауновски соопшти дека за жал, и по една година од пандемијата, се уште има угостители, но и граѓани кои не ги почитуваат протоколите. Инспекторите се секојдневно на терен, а ако има потреба дејствуваат и со асистенција на полицијата.

„Она што се случува од одредени субјекти поради кои трпи целата угосителска дејност, сметаме дека е терање инает и кон себе и кон граѓаните и кон пазарните инспектори. Од Нова година до денес имаме преку 78 затворени објекти поради непочитување на протоколите, за работење преку работното време и за нерегистрирани даночни обврзници. За жал, и по една година се соочуваме со субјекти, претежно угостителски објекти, но и граѓани, кои дозволуваат да се направат пропусти кои ние ги санкцицонираме. Повеќе пати сум кажал дека во поголем број случаи успеваме да затекнеме на лице место и тогаш веднаш постапуваме“, истакна Пауновски.

Во врска со свадбата во Струмица, директорот информира дека инспекторите веднаш тргнале, но кога стигнале веќе немало нешто. Информација ја добиле откако свадбата завршила.

Одговорајќи на новинарско прашање, Пауновски повтори дека по 20 часот, кога почнува полицискиот час, дозволено е да се врши достава на храна и пијалаци, но сите што вршат достава на храна мора да имаат соодветна дозвола за движење и во Државниот иснпекторат за труд да бидат пријавени за ноќна работа.

Во однос на цените на лековите, посебно на оние за превенција и заштита од КОВИД, Државниот пазарен инспекторат, рече Пауновски, нема ингеренции.

„Немаме никаква надлежност да ги следиме тие покачувања на цените, освен ако истакнатата цена на лекот не е ставена и во фискалната каса. И во земјава и во цела Европа владее пазарна економија. Она што има државна цена како нафтата, таму може да делуваме ако има поскапување или поевтинување. Лани кога беше вонредна состојба имаше производи кои не смееја да поскапат. За жал, сите производи што поскапуваат влијаат на пазарната економија, но сме прифатиле да бидеме пазарна економија“, објасни Пауновски.

На прес-конференцијата претходно, претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Грашкоска соопшти дека продолжуваат зајакнатите контроли. Од 29 март до 4 април биле спроведени вкупно 5.236 надзори од кои преку 4.500 реализирал Пазарниот инспекторат и изрекол 34 прекршочни пријави, како и 43 платни налози, а донел и 91 решние за констатирани неправилности. Грашкоска потсети дека денеска стапи во сила целосната забрана за работа на угостителските објекти и воедно ги охрабри инспекторите да немаат толеранција ако утврдат какви било недоследности или непочитување на мерките.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи