Хелсиншки: Профитирањето ја загрозува борбата со пандемијата

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

По повод Светскиот ден на здравјето, кој се одбележува денеска, Хелсиншкиот комитет за човекови права ја реафирмира заедничката реакција на стотина организации од ноември 2020, со која се повика на ставање крај на профитерството во време на пандемија.

„Со оглед на тоа што посочените барања и препораки не наидоа на одговор од надлежните институции, а во моментов се наоѓаме во екот на третиот пандемиски бран, со секојдневно висок број на заболени, хоспитализирани и починати, повторно апелираме државата да воспостави регулативна рамка за утврдување на лекувањето поврзано со COVID-19 кое граѓаните го покриваат со лични средства во приватните здравствени установи, по примерот на определениот максимален износ за плаќање на учество со лични средства (партиципација) во јавното здравство во согласност со Ценовникот на здравствени услуги на Фондот за здравствено осигурување“, наведуваат од Хелсиншки комитет.

Воедно, предлагаат Фондот за здравствено осигурување да склучи договор со сите акредитирани лаборатории за здравствената услуга PCR тест за утврдување на присуство на вирусот SARS-CoV-2 или да овозможи покривање на трошоците односно нивно рефундирање и за здравствените услуги кои се блиску поврзани со следењето и проценката на здравствената состојба на пациентите со COVID-19, согласно утврдената пракса и медицината базирана на докази.

Во услови кога здравствената криза е пропратена и со силни економски и социјални последици за граѓаните, навеуваат, приватните здравствени услуги од илјадници евра не можат да се сметаат како овозможен пристап за ползување на ова човеково право. Уставот на Република Северна Македонија, на секој граѓанин му го гарантира правото на здравствена заштита. Уставно загарантираното право на здравствена заштита значи дека секој поединец има право на пристап до здравствените услуги потребни за неговото здравје. Здравствената заштита, се посочува, мора да гарантира еднаков пристап за сите, без дискриминација врз основа на финансиската состојба, местото на живеење, видот на болеста или времето потребно за пристап до здравствената заштита. Поединецот што бара третман, а не е во можност да ги плати трошоците за третманот, има право да биде ослободен од тие трошоци.

„Ја повикуваме Владата на Република Северна Македонија во најбрз можен рок да преземе мерки во однос на соодветното регулирање на работата на приватните болници во услови на криза на начин што ќе им даде согласност да згрижуваат болни од COVID-19 само на оние приватни болници кои склучиле договор со ФЗО, како и да преземе иницијатива за соодветно регулирање на цените за здравствени услуги во приватните здравствени установи и да стави крај на профитерството во криза од вакви размери. Да не дозволиме систематско кршење на правото на пристап до здравствена заштита со што шансите за преживување ќе зависат од тоа кој има повеќе пријатели и пари за да може да го спаси својот и животот на најблиските“, стои во соопштението.

Пандемијата на COVID-19 ги извади на површина сите проблеми во здравствените системи на државите, но како што денеска потенцира Европската  федерација на синдикатите од јавниот сектор, една од главните научени лекции, наведуваат од Хелсиншкиот комитет, е дека јавното здравје и грижа треба да се заштити од комерцијализација и приватизација и дека никој не треба да прави профит од пандемијата. Покрај оваа порака до ЕУ и до земјите членки, EPSU апелира за обезбедување вакцини за сите луѓе на светот преку зголемено производство и ,,одрекување”од правата на интелектуална сопственост врз вакцините,  зголемување на инвестициите во здравството и социјалната заштита, како и подобра заштита и работни услови за работниците во овие сектори.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи