Честитка од претседателот Пендаровски по повод Меѓународниот ден на Ромите

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

 

Претседателот Стево Пендаровски по повод 8 Април ‒ Меѓународниот ден на Ромите, упати честитка до припадниците на ромската заедница.

„Дозволете ми да ви го честитам 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите и да ви посакам добро здравје, среќа и елан за заеднички да ја унапредиме состојбата на ромската заедница во Република Северна Македонија. Во оваа прилика би сакал да ја искажам мојата почит кон вашиот придонес во збогатувањето на македонското мултиетничко и мултикултурно општество. Ви ја честитам 50 годишнината од Првиот ромски конгрес во 1971 година во Лондон, кога активисти од Европа ги потврдиле ромското знаме, химна, јазик, култура и ромскиот идентитет на повеќе од 12 милиони Роми во Европа. Педесет години по Првиот ромски конгрес имаме генерациска должност да изградиме општество каде што ќе ги вреднуваме разликите, ќе го почитуваме достоинството и ќе обезбедиме рамноправно учество на сите граѓани подеднакво во донесувањето на одлуки за важни суштински прашања за нашата држава“, се наведува во честитката.

Пендаровски посочува дека сите заедно целиме кон градење на солидарно, праведно и слободно општество кое ја почитува различноста и човековото достоинство.

Годинава, Меѓународниот ден на Ромите, вели тој, го одбележуваме во услови на глобална пандемија со КОВИД-19, која токму овој период, со најголема жестина досега, ги загрозува животите на сите македонски граѓани.

„Пандемијата нè потсети дека сите сме ранливи, а најмногу страдаат оние што се на маргините од општеството. Сите ние заедно, во нашите секојдневни улоги на политичари, членови на институции и невладини организации, активисти, медиумски работници, граѓани, сме одговорни да бидеме проактивни за да ја победиме пандемијата, но и да ги решиме наталожените проблеми со кои секојдневно се соочуваме за да можеме да изградиме просперитетна и сигурна иднина за секого“, стои во честитката.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи