Притвор за 6 минатa приведени за марихуаната вредна 800.000 евра


Судија на претходна постапка им одреди притвор на сите 6 уапсени лица во големата акција на МВР и американската агенција за борба против наркотици ДЕА. Шестмината вчера беа донесени пред судија на претходна псотапка во Основниот кривичен суд Скопје. На сите им е одредена мерка притвор од по 30 дена поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и уништување докази. Во акцијата беа запленети 200 килограми марихуана вредна 800.000 евра.

Меѓу приведените се и осомничените организатори на групата Д.Ј.(35) од Струмица и А.У.(45) од Скопје за кој опозицијата тврдеше дека е возач и обезбедување на Трајче Заев роднина на премиерот, а кој бил пријател со командирот на ПС Прилеп Кире Спирковски.

Трајче Заев кој е сопственик на фирми за производство на медицински канабис денеска со објава на фејсбук демантира дека негов вработен е уапсен во акцијата и дека запленетото комбе со кое се транспортирала марихуаната има било каква врска со неговите компании, откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ два дена бараше владата тоа да го потврди или да го демантира.

Споменатото комбе од акцијата на МВР не е сопственост на фирма на Заеви. Ниеден од уапсените не е вработен во ниедна фирма на Заеви. Јас сум на службено патување од 23-ти Март во Обединетите Арапски Емирати со цел проширување на работата на нашите компании, отварање на нови пазари за нашите домашни македонски производи и стекнување на нови партнери за соработка, напиша на фејсбук Трајче Заев.

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека во акцијата е приведен Александар Ушликовски, личен возач на Трајче Заев, братучед на премиерот Зоран Заев, а тврдат дека марихуана тргнала од Фирмата Медика 420 од Битола која се поврзувала директно со фамилијата Заеви. Портпаролот Димче Арсовски вели дека Трајче и Бобан Заеви се сопственици на фирма основана во 2019 година во Петрич, Бугарија со име “Медикал 420 БГ”. Тој праша дали случајот има поврзаност со тие фирми.

„Запленетата дрога била превезувана во бело комбе со грчки таблици, на име на фирма која што јавно прашавме дали има партнерски односи со фирма на Заеви? Ова го изнесовме како информација пред неколку дена, што вчера за ова комбе со грчки таблици потврди вчера и Јавното обвинителство во свое соопштение. Дрогата доаѓала директно од фирмата “Медикал 420” од Битола, фирма чија лиценца ја потпиша и одобри лично Зоран Заев како премиер, каде што при увидот според наши информации фалеле над 10.000 стебла со марихуана, односно тоа се повеќе од 200 килограми марихуана. Секое стебло мора да има свој евидентен број, а овде фалеле над 10.000 стебла замислете колкава е таа бројка“, рече Арсовски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи